Продолжуваат протестите во Србија, искршени канцеларии на владеачката СНС, Вучиќ исвиркан од белграѓани

Протестите на студентите и граѓаните на Србија се одржаа шеста ноќ по ред низ целата земја. На вечерашниот протест во Белград, просториите на владеачката партија СНС беа искршени, по што полицијата ги нападна граѓаните, а беа фрлани солзавец и димни бомби.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дојде во просториите на партијата со обезбедување и неколку поддржувачи. Полицајците ги разбиваа демонстрантите низ центарот на градот, а Вучиќ се закани дека оние што протестираат ќе бидат гонети многу повеќе, побрзо и посилно.

Граѓаните беа истиснати од околината, откако полицијата фрли солзавец врз голем број собрани луѓе. Тоа предизвика револт и кај станарите на улицата на која се наоѓа седиштето на СНС, кои Вучиќ го исвиркаа и го испратија со скандирања.

Вучиќ, пак, најави акција на државата и гонење на демонстрантите.

„Што ќе им понудат на луѓето освен насилство, бандитство, кршење, а потоа бегање. Тие се толку храбри што тепаат празни соби, и штом се појави некој, бегаат“, рече Вучиќ.

Тој рече дека демонстрантите сакаат да ги уништат елементарните вредности и нормалниот живот по секоја цена и дека очекува обвинителството конечно да почне да си ја работи својата работа.

„Тоа е обид за обоена револуција платена однадвор, во која тие не избираат средства и не се обидуваат да дојдат до нешто со насилство, бидејќи немаат доверба од народот, ниту вистинска програма“, истакна Вучиќ и потсети дека наскоро ќе објави книга за тоа како ја победил обоената револуција.

„И фашистите и нацистите мислеле дека се непобедливи. Сите терористи мислеле дека се непобедливи, но на крајот државата победи“, рече Вучиќ.

Мета.мк