Вчера, 16 август, повторно се крена гласот против голосекот во село Љубојно. Преспани започнаа блокади за одбрана на мајката природа, а борци од повеќе градови од Македонија дојдоа да ги подржат, информираат од иницијативата Зелена народна стража.
„Сложно и сѐ е можно! Кога народот го брани својот ДОМ, ни еден потпис од некој си надлежен, не може да застане на патот!“, нагласуваат од иницијативата.
Како што посочуваат оттаму, покрај уништувачката сеча на шумата, преспани алармираат и за пресушената Брајчинска Река, заради мини хидроцентрата, планината Галичица и Преспанско Езеро, кои се под голема закана од погубната, самоуништувачка политика против природата.
„Додека чесните луѓе си го бранеа домот и истурија песок за да го блокираат патот што води до сечата, власта одлучи да ги казни со 600 евра, по основ дека истуриле отпад – песок! Мораме да си го браниме и она малку што ни остана, бидејќи ни се заканува еколошка катастрофа! Нашата света земја, за која нашите предци гинеле и ја бранеле, некои сакаат да ја уништат за неколку години!“, потенцираат од Зелена народна стража.
Оттаму додаваат дека нема да молчат и дека ќе живееме во здрава животна средина, дома.
View this post on Instagram
Инаку, според иницијативата, во село Љубојно, општина Ресен, започна ненајавена масовна сеча на дрвја без никакво известување. Оттука, граѓани и активисти на 12 август излегоа на протест, а веќе утредента го блокираа патот и ја стопираа понатамошната сеча.
„75 години никој нема чепнато ниту едно дрво, а сега некој сака да ја уништи цела планина за неколку дена! Загрозена е водата на цело село, при поголем дожд ќе се контаминира резервоарот! Ќе се зголеми ерозијата на земјиштето, ќе се поплави цело село!“, реагираше Зелена народна стража во четвртокот.
Испратено е официјално писмо до Македонски шуми, градоначалникот на Ресен, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен инспекторат за шумарство и водостопанство и Министерство за животна средина. Оттаму изјавија дека сечата е легална.
View this post on Instagram
„Се сече на нула, гола сеча, како фудбалско игралиште се прави шумата. Шумското претпријатие дало концесија на некоја фирма и сечат по 30 кубици односно 4-5 големи камиони товарени со дрва секој ден. Тоа е катастрофа за селото, бидејќи водата при поголем дожд ќе се слива во Љубојно. Патот кој е селски, не е јавен, се оштетува. Резерварот за вода е подолу и при поголем дожд ќе се контаминира“, рече Цане Лембовски, дел од групата која протестираше.