ЗХГ: Со новите обиди за измена на Изборниот законик се почитуваат 0,95% од Уставот

Зелен хуман град (ЗГХ) вчера беше пред македонското собрание каде што пратениците повторно одлучуваа во име на независните кандидати без да ги земат предвид нивните барања да го изменат Изборниот законик почитувајќи ја одлуката на Уставниот суд, велат од граѓанската иницијатива, која е во процес на формирање на партија за да може да учествува на претстојните локални избори.

„Новиот противуставен предлог повторно се сервира иако пред повеќе од два месеца до сите пратеници доставивме информации за бројот на потребни потписи во други европски земји, а им ги доставивме и меѓународните препораки за добри практики иако тоа се информации што веќе тие самите би требало да ги имаат“, реагираат од ЗХГ.

Како што појаснуваат тие, со претходниот закон за независно кандидирање требаа 4.500+ потписи за Град Скопје, а со сегашниот предлог ќе требаат 4.430 – колку што на локалните избори во 2021 г. „тежеше“ едно советничко место.

„Најновиот амандмански предлог прифатен во двете комисии и од власта и опозицијата беше 2.300 потписи за воопшто да добиеме право да се кандидираме за Град Скопје. Потсетуваме дека потписите треба да ги собереме во период од само 15 дена во ек на летни одмори исклучиво во канцелариите на ДИК“, потенцираат од ЗХГ.

Според нив, измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето. Ова е, додаваат, уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат нашето здравје, нашата среќа, нашите животи, а сега ни го крадат и правото на избор!

„ЗХГ продолжува да собира потписи од сите државјани на Македонија кои сметаат дека вреди да се поддржи единствената партија формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животните, животната средина и социјална правда. Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните!“, потсетуваат од ЗХГ.

Потписите може да се дадат на кој било нотар, а на нивните социјални медиуми се објавени нотарите кај кои има веќе испечатени документи за потпис. Дополнително, потребно е вадење државјанство.

„И покрај пречките од големите партии, ЗХГ продолжува да се бори против обидите да се задуши граѓанскиот глас и против големите партии и нивното функционирање во целосна спротивност со демократските принципи и принципите на правда и праведност“, поентираат оттаму.