Ивановска ако сака може исказот да го даде по изборите, велат од Обвинителство

Со оглед на јавната реакција на Билјана Ивановска, кандидатката за градоначалничка на општина Центар, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше и ѝ даде можност, ако сака и ако исказот во Јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите, информираа денеска во Основновното јавно обвинителство (ОЈО). Ова следува откако Ивановска објави дека синоќа полицајци ѝ дошле на врата со намера да ѝ врачат кривична пријава, само неколку часа откако таа ја објави својата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, пренесува агенцијата Мета.мк.

Првично, во Обвинителството тврдеа дека поканата за испитување на поранешната претседателка на ДКСК, е испратена на 25 јули и тврдеа дека на ниту еден начин не може истата да се доведе во релација со политичките активности на поканетата. По ова, на новинарско прашање на Мета „Ако не може да се доведе во релација со политичките активности, тогаш која е причината што ОЈО сега презема дејствија за кривична пријава поднесена пред 6 месеци, откако поранешната претседателка на ДКСК најави кандидатура за градоначалник?“, од Обвинителството одговорија дека тоа е така затоа што во меѓувреме биле преземени многу дејствија, прибавен е конкретен предмет и извршени распити на повеќе други лица.

„Поканата е испратена многу пред најавата за нејзина кандидатура“, велат во Обвинителството.

Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, денеска на својот профил на Фејсбук, информираше дека добила кривична пријава откако ја објавила кандидатурата за градоначалничка на општина Центар.

„По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата. Синоќа во 20:30 часот, двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација. Со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвнителството како е надлежна институција“, напиша Ивановска.

На бившата антикорупционерка Ивановска полицајци ѝ тропнаа на врата само 11 часа откако ја најави градоначалничката кандидатура за Центар