На бившата антикорупционерка Ивановска полицајци ѝ тропнаа на врата само 11 часа откако ја најави градоначалничката кандидатура за Центар

Единаесет часови откако бившата претседателка на Државната комисија за спречување корупциј, Билјана Ивановска ја објави  кандидатурата за градоначалничка на Центар, таа доби кривична пријава. Ивановска за случајот информираше на нејзиниот Фејсбук-профил.

„По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата. Синоќа во 20:30 часот, двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно“’ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација. Со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвинителството како е надлежна институција“, напиша Ивановска.

Од Обвинителството за случајот велат дека јавен обвинител од ОЈО-Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари годинава и дека презема дејствија за да ги провери наводите.

„Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25 јули и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат во Обвинителството.

Инаку, Ивановска е поддржана од иницијативите „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и граѓанската иницијатива „Групација 389“, здружени како „Независни заедно“.