„Транспаренси Интернешнл – Македонија“ го објави својот редовен месечен барометар на корупција „Бистро-Матно“ за јули 2025 година, во кој се нотирани серија настани кои укажуваат на проблемите со корупцијата, но и поединечни правосудни акции. Како што наведува организацијата, извештајот „прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем“.
Во делот на „матни“ настани, извештајот го потенцира обвинението против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која поднесе оставка минатата недела. Според наводите, таа се товари за оддавање службени тајни на обвинет во случајот Адитив, но и за фалсификување на процесот за добивање безбедносен сертификат.
„Шокантно е што при проверката на службениот телефон на Димитровска во рамките на истрагата било откриена дека таа и уште еден државен службеник односно ревизор направиле фалсификат и упад во системот за класифицирани информации. Димитровска ‘најмила’ колега-ревизор (таа пред функцијата претседател на ДКСК беше ревизор во ДЗР) кој со нејзини шифри и кодови влегувал и во нејзиното име ги следел предавањата и ги полагал тестовите за таа да добие сертификат ‘државна тајна’“, стои во барометарот на корупција за јули.
Извештајот го пренесува и ставот на Европската комисија од нејзиниот Годишен извештај за владеење на правото за 2025 година, каде се наведува дека „Северна Македонија продолжи да ги спроведува судските реформи, но мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозни загрижености во врска со независноста на судството“.
Како еден од примерите се посочуваат најавите од владино ниво за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Понатаму, нотирани се и други случаи, како истрагата против криминална мрежа од 36 лица, меѓу кои лекари и адвокати, осомничени за злоупотреби при доделување права за туѓа нега и инвалидска пензија, за што наплаќале помеѓу 150 и 5.000 евра.
Посебен дел од „матните“ настани е посветен на наодите на Државниот завод за ревизија (ДЗР). За Фондот за здравствено осигурување, ревизорите укажале на „отсуство на единствен интегриран систем за упати, лекарски извештаи и фактурирање“, што создава ризик за неправилно користење на јавните средства.
ДЗР: ФЗО нема евиденција за аванси за лечење во странство и не ја следи успешноста на лекувањето
За Државното правобранителство се евидентирани „недостаток на транспарентност и неправилности во постапките за јавни набавки, како и проблеми со ангажирање лица по договор на дело“.
За Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, ДЗР констатирал дека „не може да ја потврди билансната состојба… поради тоа што повеќе години наназад не е извршен попис… голем дел од документацијата на ЈП е изгубена поради поплава во деловните простории или одземена во истражни постапки“.
Ревизијата на Министерството за здравство утврдила дека 23 програми за здравствена заштита се реализирале со недоволни средства, додека кај Основниот суд Прилеп е констатирано дека не е воспоставена сметководствена евиденција и нецелосни податоци во апликацијата АКМИС за одземените парични средства.
Во овој дел е наведен и случајот каде ДКСК констатирала прекршок кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство, чија сопруга била косопственик во правно лице кое имало деловни активности со Институтот.
Наспроти овие настани, во „бистриот“ дел се евидентирани неколку правосудни акции. Меѓу нив е апсењето на очна лекарка во Битола за примање поткуп, како и обвинението против директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје. Според обвинението, директорот се товари дека „побарал 20.000 евра од сведок за да овозможи прием на лице во тешка здравствена состојба во установата. Иако се работело за службена обврска која морал да ја исполни согласно должноста, директорот го условил дејствието со лична финансиска корист.“
Исто така, поднесен е и обвинителен предлог против поранешен претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата за злоупотреба на службената положба.
Како позитивен чекор е наведена и новата веб-алатка на Министерството за здравство, преку која „граѓаните отсега ќе може да пријавуваат неправилности во здравството“, при што пријавувањето ќе биде анонимно, а податоците ќе се објавуваат јавно на месечно ниво.