НМСМ: Министерството за социјална политика, демографија и млади е нефункционално и не ги исполнува обврските кон младите

Во јуни 2024 година започна процесот на воспоставување на Министерството за социјална политика, демографија и млади – институција која беше најавена како системско решение за подобрување на младинските политики и унапредување на положбата на младите во Македонија. Една година подоцна, тие надежи се претворија во длабоко разочарување. Наместо посветеност, младите повторно се соочуваат со институционално игнорирање, бирократија и суштинска нефункционалност, реагираат од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

„И покрај законскиот рок од шест месеци за целосно преземање на надлежностите од Агенцијата за млади и спорт, Министерството сè уште не е кадровски и програмски комплетирано ниту пак ги има преземено сите надлежности согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа од 2024. Дополнително, недостасуваат клучни подзаконски акти, јасна визија и капацитет за спроведување и креирање на политики, што резултира со институционален застој и правна нејаснотија во областа на младинското учество“, истакнуваат од НМСМ.

Според нив, загриженост предизвикува и тоа што според јавни изјави при ребалансот на Буџетот за 2025 година, буџетот на Министерството е зголемен за 98,3%, без притоа да биде презентиран јасен план или програма за реализација на активности за млади. Останува нејасно како ќе се распределат овие средства, во кој временски период, со каков интензитет и каков конкретен ефект се очекува врз младите и нивната добросостојба.

Ваквиот пристап, потенцираат од НМСМ, потврдува дека зголемувањето на буџет не значи автоматски подобрување, доколку не е проследено со транспарентност, отчетност и стратегиско планирање.

„Покрај институционалниот застој, се бележи и сериозен недостаток на транспарентност и партиципативност. Сè почести се случаите на нетранспарентни процеси за избор на младински претставници, како во национални тела, така и во меѓународни структури и настани. Овие процеси не го почитуваат принципот на отворено и инклузивно учество, а младинскиот сектор не само што не е вклучен, туку е и игнориран“, посочуваат од НМСМ.

Понатаму, додаваат оттаму, наодите од Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики за 2024 година укажуваат на јасен пад во имплементацијата на одредбите од овој закон, со намалување на бројот на локални младински совети, стратегии, службеници и центри за млади, како и отсуство на воспоставени национални механизми и подзаконски акти. Министерството сѐ уште ги нема преземено надлежностите за надзор над имплементацијата на законот, што директно влијае врз намалувањето на неговата ефикасност.

„НМСМ, како најголема мрежа на младински организации и легитимно претставничко тело на младите, со долгорочна институционална препознатливост на национално и меѓународно ниво, континуирано ја нудеше својата експертиза во сите клучни процеси – од креирање политики, следење на локални механизми, до предлагање решенија базирани на податоци. Денес, таа соработка најчесто се сведува на формални состаноци на кои, со исклучок на одредени процеси, генерално изостанува суштинска вклученост, редовна повратна комуникација и конкретни резултати“, раскажуваат од Советот.

Овие состојби укажуваат на сериозен институционален застој, одложување на законски обврски и недостаток на политичка волја за вистинско унапредување на младинските политики во Македонија, сметаат оттаму.

Поради сето наведено, НМСМ јавно бара од Министерството за социјална политика, демографија и млади: 1. Итно преземање на надлежностите од Агенцијата за млади и спорт, согласно законските одредби; 2. Усвојување на сите неопходни подзаконски акти за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики; 3. Активна поддршка и отпочнување на процесите за воспоставување на Националното собрание на млади и Националното советодавно тело; 4. Прекин на праксата на селективни и нетранспарентни процеси за номинација на младински претставници; 5. Зајакнување на капацитетите на Сектор млади и на Истражувачкиот центар со обучен кадар и систематски пристап кон креирање политики засновани на податоци; 6. Воспоставување на долгорочен и суштински партнерски однос со младинскиот сектор и младинските организации, вклучително и целосно искористување на експертизата и капацитетите на НМСМ како најголема мрежа на младински организации и легитимно претставничко тело на младите; и 7. Конкретен план и програма за трошење на зголемениот буџет за млади, со јасни цели, временска рамка и очекувани резултати, обезбедувајќи транспарентност, отчетност и ефективна реализација во интерес на младите.

„Младите заслужуваат политики кои се темелат на факти, инклузивност и одговорност, а не декларативни ветувања и административни процедури без резултати. НМСМ останува отворен за соработка и дијалог, но нема да молчи пред институционалната пасивност и маргинализација на младите“, поентираат од Советот.