Граѓаните-чувари на Дошница вчера одбележаа 25 денови откако ги блокираат пристапите до оваа река, притоа кревајќи го гласот против изградба на хидроцентрали.
„Луѓе од цела Македонија доаѓаат на Кожуф и ја чуваат планината и реката, а во меѓувреме владата го одби амандманот за одвојување средства од буџетот за студија, со која Кожуф ќе се прогласи за национален парк. Го одби амандманот за течението на реката Дошница да се прогласи за заштитено подрачје. Го продолжи рокот за изградба на хидроцентралите на Дошница“, соопшти иницијативата Зелена народна стража.
Истовремено, велат оттаму, Владата одбива да го слушне гласното „не“ на народот.
„Ќе ја чуваме Дошница со народна стража додека е потребно! Повлечете ги дозволите, бидејќи хидроцентрали на Дошница нема да има!“, стои во соопштението.
На терен меѓу оние што ја бранат Дошница се граѓани од цела Македонија и иницијативите Зелена народна стража, Спас за Дошница и Changemakers4all, додека истовремено тие добиваат поддршка и од повеќе национални еко-организации.
Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ информираа дека испратиле писмо со барање до министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, за да преземе мерки против планираните хидроцентрали на реката Дошница и да побара од инвеститорот дополнителни истражувања, како и ажурирање на елаборатите за животна средина.
„Напоменуваме дека реката Дошница веќе има дефицит од вода поради постојниот хидросистем изграден во минатото. Нашиот закон не ја транспонира Рамковната директива за води која пропишува испуштање на т.к.н. еколошки проток кој обезбедува добра еколошка состојба на водното тело. Биолошкиот минимум од 10% значително ќе го намали водостојот на реката Дошница и ќе резултира кон деградирање на еколошкиот статус на истата“, забележа еко-организацијата.
Според „Еко-евест“, неспорно е дека изградбата и работата на малите хидроцентрали на горното течение на реката Дошница со биолошки минимум и со несоодветни стандарди за изградба на рибни патеки, ќе влијаат негативно на екосистемот и ќе причинат сериозни штети врз идното заштитено подрачје.