Родители и специјални едукатори извисени со новиот бран вработувања на образовни асистенти

Летниот процес со огласите за образовни асистенти пак наидува на реакции и контроверзии, откако лани деца со атипичен развој останаа без поддршка во првиот месец од школската година. Сега, по првите одлуки од огласите, специјални едукатори сведочат како биле одбиени без образложение за позицијата, додека повеќе родители се жалат дека нема да го добијат истиот образовен асистент, што за нивното дете може да значи вознемирување и каскање во развојот.

Меѓу првите што јавно реагираше беше Ивона Кочов, мајка на дете со атипичен развој. Како што објави, повеќе асистенти со долгогодишно искуство не се примени на работа, што според неа ќе биде шок за децата во септември.

„Отпуштени еден куп предобри асистенти, исто како да се отпуштени најдобрите доктори, а да се очекува добро здравство. Како да се отпуштени најдобрите учители, а да се очекува добро школство. Како да се отпуштени најдобрите судии, а да има добро судство. Квалитетот по вода пуштен, однос асистент – дете, по вода пуштен, а децата се оставени да ‘изгорат’, затоа што тоа што ќе го доживеат во септември, толку боли“, објави таа.

Како што вели, на децата со атипичен развој се гледа како да се предмети, споредбено со другите држави, никакви поволности, освен ако родителите сами не се изборат за нешто, додека „помошта од државата е цели 7.900 денари“.

„Животот на родителите, посебна приказна. Борба што не сакам никој, апсолутно никој да ја врви. Очекував и се борев за еден асистент да си истурка дете од прво одделение до четврта средно, а доживувам нешто скроз спротивно, тотално безумие“, посочи Кочов.

Радио МОФ стапи во контакт со повеќе родители кои се разочарани од смената на образовните асистенти, иако има и такви што им е останат истиот асистент. Повеќето се чувствуваат извисени или во неизвесност што ќе се случува по првиот школски час. Нов или постојниот образовен асистент, тие ќе влезат со нивните деца во школите по препорака на МКФ-службите, но генерално владее страв дека пак ќе треба адаптирање, пак препреки, пак „тргни-застани“, пак градење однос на линија училиште-наставник-асистент. Тоа, највеќе би се одразило врз дететo – може да стекне одбивност од школото и да не сака да стапне во училница.

Во меѓувреме, до Радио МОФ стигна реакција од специјална едукаторка и рехабилитаторка, која бараше да биде анонимна. Потврдува, огласите за образовни асистенти биле распишани околу 20 јуни, а пред неколку денови дошла одлуката дека таа не е примена за позицијата.

„Инклузивното образование не смее да биде партиска играчка. Жално и загрижувачки е што концептот на инклузивно образование, кој треба да претставува врв на човечноста и професионалноста во еден образовен систем, станува поле за партиски вработувања и манипулации на штета на најранливите категории – децата со попреченост. Во последниот бран на вработувања, сведочиме дека ангажирањето на образовни асистенти се врши врз основа на списоци доставени од партиски штабови, при што се избираат лица без стручна подготовка и лиценци за работа со деца со попреченост. Наместо да се направи темелна анализа и избор на компетентни кадри според професионални критериуми, се фаворизираат апсолутно несоодветни профили кои не поседуваат никакви релевантни квалификации за оваа исклучително сензитивна и одговорна улога“, забележува таа.

Како стручно лице – дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор со лиценца и долгогодишно искуство, се чувствува длабоко повредено и дискриминирано од ваквиот пристап.

„Бидејќи сум одбиена без образложение во одлуката, а на мое место примен е несоодветен профил. Во општество кое тежнее кон европски вредности, ова не смее да се дозволи. Децата со попреченост заслужуваат соодветна, стручна и посветена поддршка. Професионалноста не смее да биде жртва на партиската агенда. Доста е веќе. Време е да се вратиме на вредностите – стручност, етика и инклузивност во пракса, а не само на хартија“, забележува одбиената образовна асистентка.

Од ресорното Министерство за образование и наука (МОН), реагираат на обвинувањата дека образовните асистенти се отпуштаат од работа и процесот на вработување се партизира, како и дека се ангажираат несоодветни кадри. Но, реакцијата на МОН директно се однесува на изјавите на опозицијата, а не на родителите и асистентите што досега решија да говорат на проблематиката.

„Ангажирањето на образовните асистенти е целосно транспарентен процес и не го спроведува министерството, туку го спроведуваат раководствата на основните и средните училишта со ресурсни центри“, посочуваат од министерството, додавајќи дека овие образовни институции работат со стручност и професионалност.

Ако се погледне процесот преку Законот за основно образование, министерството е практично предводник, бидејќи инклузивниот буџет доаѓа токму од МОН, па потоа стигнува до ресурните центри (екс специјални училишта) кои спроведуваат јавни огласи и обуки за асистентите. Ресурсните и школите, пак, меѓусебно работат по проценките на МКФ-службите – дали на детето му треба образовен асистент, стручна поддршка, инклузивен тим и асистивна технологија во согласност со модифицираната програма или Индивидуалниот образовен план (ИОП).

Досега, како еден од најспоменуваните проблеми за образовните асистенти, е нивниот работен статус. Тие се договорци на една година, на определено време. Ова значи дека секоја година поминуваат нов конкурс и потпишуваат нов договор, што им ја прави работата несигурна и да „виси во воздух“. Ова истовремено прави и притисок за родителите, што ќе прават од септември и дали детето ќе остане со истата поддршка.

Затоа, ново долгорочно решение за работниот статус бараа и самите образовни асистентиродители, голем број училиштаексперти, од МКФ-службата, па и од ресурсните центри.

Од друга страна, МОН вели дека нивниот ангажман е на определено време, затоа што бројот на потребен кадар секоја година е различен и зависи од потребите кои ќе ги пријават родителите/старателите на учениците со попреченост.

„Секој образовен асистент за секоја следна учебна година, повторно аплицира на јавен повик за да биде ангажиран. Новото раководство на министерството иницираше проширување на нормативот за овој тип на стручен кадар, за да може да се ангажираат доволно образовни асистенти, лица со соодветно образование и да се задоволат потребите на сите редовни основни, а за прв пат и на редовни средни училишта во кои има ученици со посебни образовни потреби. На јавно објавените огласи се пријавуваат многу кандидати, а се примаат оние кои ги исполнуваат условите и се најдобро рангирани од  комисиите кои, повторно напоменуваме, ги формираат училишните раководства. Како што посочивме, во најголем дел, тоа се кадри кои биле ангажирани и во изминатите учебни години, со оглед дека станува збор за област со кадровски дефицит“, соопштува МОН.

Од таму дополнуваат дека училиштата со ресурсни центри, согласно законските прописи, правеле напори образовниот асистент да продолжи да работи со ученикот на кој и до тој момент му обезбедувал асистенција, со цел, како што велат, полесно совладување на наставната материја и секојдневните обврски.

Бојан Шашевски