[Став] Како ЕУ се загуби во меѓународното право?

Светлана Јовановска

Бомбардирањето на Иран од страна на Израел а подоцна и од страна на САД и војната во Газа која станува бескрајна, се показатели на новиот светски поредок кој почнува да се заснова на правото на посилниот да ја наметне својата волја. Може ли ЕУ да го врати правото на правиот пат?

Меѓунарoдното право полека исчезнува од хоризонтот пред нашите очи. Војната во Газа како да им даде можност на светските и особено европските лидери, да газат врз оваа придобивка изградена врз траумите на Холокаустот. Залагањата на целиот свет, Холокаустот никогаш да не се повтори, исто така бледнее на хоризонтот. Сликите од Газа потврдуваат дека израелската армија не е „најморалната армија на светот“ како што тврди раководството на Израел.

Бомбардирањето на Иран од страна на Израел а подоцна и од страна на САД и војната во Газа која станува бескрајна и чија што финална цел останува нејасна, се показатели на новиот светски поредок кој почнува да се заснова на правото на посилниот да ја наметне својата волја.

Да потсетиме дека во војната што Доналд Трамп ја нарече „дванесетдневна војна“ во која САД ги бомбардираа нуклеарните инсталации на Иран, разузнавачите, дури и тие од САД, не можат да потврдат дека тие инсталации се онеспособени, како што вели Трамп. Техеран не криеше сепак дека ова оружје е доста оштетено и дека иранската нуклеарна програма, како што тврдеа и американските разузнавачи, ја забавиле нуклеарната програма за неколку месеци.

Бомбите фрлени врз Иран целосно го разнишаа меѓународниот поредок заснован на право и дипломатија и го претворија во право засновано на сила. И затоа претседателот на САД го презеде историскиот ризик да ја наметне оваа нова парадигма. Големото прашање на кое никој денес нема одговор е дали други големи сили, како Индија или Пакистан, ќе ја искористат во иднина оваа нова политика за да ги решаваат нивните проблеми со употреба на сила.

Hunger Games

И тоа не е сé. Силната определба со која Израел, заедно со САД, се обидува да се ослободи од Обединетите Нации, дава слика на уништување на меѓународното право кое останува во рацете на нехумана берза која се раководи со „кој повеќе ќе понуди“.

Жан-Пјер Филиу, професор по историја на Блискиот Исток во Париз и човек кој замина за Газа за да донесе сам заклучоци за настаните, во Ле Монд, под наслов “Hunger Games”, пишува дека „појасот Газа не само што стана „масовна гробница за Палестинците и оние што им доаѓаат на помош“, како што обвинуваат хуманитарните организации, или дури „стапица на смртта, да не речам гробишта“. Газа е трансформирана во лабораторија каде што, пред очите на еден немоќен или соучеснички свет, се развива алтернативна, но за жал многу реална реалност, лишена од сите норми на меѓународното право“.

Филиу потсетува дека државата Израел е креирана врз одлука на ООН а сега со децении работи на кампања, охрабрена од САД, на уништување на истата организација. Особено откако на власт дојде екстремниот Бенџамин Нетањаху. Над 100 резолуции на ООН за Палестина остануваат со децении само мртва буква на хартија.

Од колонијализмот до денешните европски „чисти раце“

Низ колонијалната историја, европските и американските општества се залагале за хуманистички и мирни вредности, градејќи се себеси врз поробувањето на другите народи. Тоа е идејата дека колонизацијата се водела во име на цивилизацијата, во име на борбата против таканареченото варварство на другите. Денешниот модерен начин на градење политичко постоење врз воени односи, се претставува себеси како инкарнација на мирот и напредокот и го дава чувството на „чисти раце“.

Денес, имаме ист наратив како објаснување зошто ЕУ треба да се наоружа „до заби“. Европа претставува демократија и ги носи вредностите на мирот во светот. Истовремено, ЕУ и нејзините земји членки, не реагираат на изгладнувањето и масовното убивање во Газа кое за многумина е геноцид. Накусо, Европа се вооружува за да ги брани мирот и демократијата, но истовремено ги крие тесните партнерства и помошта во оружје и финансии што му ја дава на Израел кој го прави токму спротивното.

Тоа е заклучокот на Франческа Албанезе, специјалната известувачка на Обединетите Нации за човекови права во Палестина. Во Извештај објавен пред повеќе од една година таа посочува дека „постојат разумни основи да се верува дека прагот што укажува дека Израел извршил геноцид е исполнет“.

„По пет месеци воени операции, Израел ја уништи Газа. Над 30.000 Палестинци се убиени, вклучувајќи повеќе од 13.000 деца. Седумдесет отсто од станбените области се уништени. Осумдесет отсто од населението е насилно раселено. Илјадници семејства ги изгубиле најблиските или биле збришани. Многумина не можеле да ги погребаат и оплакуваат своите роднини, туку биле принудени да ги остават телата да се распаѓаат во домовите, на улица или под урнатините. Илјадници биле притворени и систематски биле подложени на тешко малтретирање. Непресметливата колективна траума ќе ја доживуваат генерациите што доаѓаат“.

Каде исчезна ЕУ?

Тука се поставува прашањето, каде е ЕУ која е секогаш загрижена за почитувањето на човековите права насекаде во светот? Одговорот, и тоа повеќе не е тајна за никого, е поразувачки.

ЕУ има договор за соработка со Израел. Оваа спогодба стапи на сила во 2000 година и претставува рамка за политички дијалог и економска соработка. Таа вклучува одредби за слободна трговија, соработка во различни сектори но и почитување на човековите права и демократските принципи. Повеќе не е тајна дека Израел силно гази врз човековите права на Палестинците како и врз демократските принципи.

Се множат повиците за преиспитување и суспендирање на спогодбата, како тој, помеѓу многу други, на Амнести Интернешнал.

И покрај силната ЕУ поддршка на Израел што ја покажува претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со текот на времето и бескрајното уништување на жителите на Газа, три земји членки го кренаа гласот против оваа политика: Шпанија, Ирска и Словенија и Норвешка која не е членка на ЕУ. Тие дури и ја признаа Палестина како независна држава. Но тоа очигледно не е доволно за да ЕУ покрене санкции кон Израел како што тоа со право го стори кога Русија ја нападна Украина.

Според ЕУрактив, се очекува ЕУ следната недела да предложи можни мерки против Израел поради кршењето на човекови права во Газа. Но во ЕУ постојат длабоки поделби околу можните санкции.

Во извештајот на ЕУ за примена на договорот помеѓу ЕУ и Израел има „индикации за прекршување“ на обврските за човекови права наведени во договорот. Според ЕУрактив, се очекува дипломатската служба на ЕУ да им презентира на ЕУ амбасадорите документ со можни мерки. Како целосно или делумно суспендирање на договорот, санкции за поединци како што се министри во израелската влада, воен персонал или израелски екстремистички доселеници, трговски мерки, ембарго за оружје или суспендирање на научната соработка меѓу двете страни. Иако повеќето од овие опции беа изнесени вербално, ова е прв пат тие формално да бидат преставени во писмена форма.

Целосното суспендирање на договорот за асоцијација – или дури и делумно замрзнување на неговите одредби за надворешна политика – бара едногласно одобрување од земјите-членки на ЕУ. Но познато е дека Германија, Чешка и Унгарија ќе бидат против. Што се однесува до оружјето што ЕУ го праќа во Израел, Германија е најголемиот европски снабдувач на оружје.

Трагедијата во палестинската енклава го наведе и Обединетото Кралство да преземе решителни мерки: лабуристичката влада на Кир Стармер одлучи да ги прекине тековните преговори за иден трговски договор со Израел. Самиот Стармер изјави дека е „ужаснат“ од воената ескалација во Газа. Даунинг стрит, исто така, го повика израелскиот амбасадор во Лондон за да го изрази својот протест поради „неподносливата“ офанзива во Газа.

Во Шпанија, мнозинството во Конгресот на пратениците се согласи да поддржи ембарго за оружје врз Израел, и покрај противењето и од конзервативната Народна партија (ПП) и од крајно десничарската Вокс.

Јавната поддршка и симпатиите кон Израел во Западна Европа достигнаа најниско ниво досега забележано од анкетарот YouGov, при што помалку од една петтина од испитаниците во шест земји имаат позитивно мислење за земјата. Поволните ставови кон Израел во Велика Британија, Франција, Германија, Данска, Шпанија и Италија се на или близу до најниското ниво во Западна Европа од 2016 година.

Во меѓувреме, ЕУ го руши својот сопствен кредибилитет со тоа што не реагира на очигледните кршења на правата во Газа и губи моќ во меѓународното право. Многу земји, особено на глобалниот југ, ја обвинуваат ЕУ за примена на двојни стандари. И тоа е веројатно причината зошто овие земји од глобалниот југ не им се придружија на ЕУ санкциите кон Русија. Кога Русија ја нападна Украина, ЕУ веднаш воведе санкции. За Израел и натаму останува отсутна.

И тоа не е сé. Ова однесување на ЕУ е и ќе биде сé поголема пречка за партнерствата со јужните земји што ѝ се потребни за нејзината стратешка автономија.

Покрај тоа, јавното мислење се менува и во Европа. Германија, долго време еден од најцврстите сојузници на Израел, сега има мнозинство граѓани кои се противат на војната во Газа.

Сепак, постои зрак надеж во долгиот и мрачен европски тунел за помош на Газа. Амал Џаду Шака, палестинската претставничка во Европската Унија, Белгија и Луксембург, деновиве го предаде своето акредитивно писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Ова е прв пат во историјата палестински претставник да ја преземе функцијата преку овој процес. За жал, освен неколку шпански медиуми, ниту еден западен медиум не ја пренесе оваа вест.

Ако конечно, по 20 месеци од стартот на масакрот во Газа, се чинеше ЕУ ќе покаже подготвеност да дејствува против Израел, организацијата би демонстрирала дека нема да толерира прекршувања на меѓународното право, кој и да ги извршил. И ќе врати дел од својата кредибилност на меѓународната сцена. Обвинувањата дека ЕУ не ги почитува вредностите за кои вербално се залага се опасни за нејзиниот ионака сериозно нарушен кредибилитет.

Светлана Јовановска

*Светлана Јовановска е новинар а беше долгогодишна дописничка од Брисел за „Дневник“ (1999-2011), „Дојче Веле“ (1994-2002), „Гласот на Америка“ (2002-2007) и за веб порталот „Нова ТВ“ (2013-2019). Јовановска беше и портпарол на Мисијата на Северна Македонија при ЕУ во Брисел (2019- 2022). Новинарската кариера ја започнува во „Нова Македонија“ во 1984 година во Скопје, сé до 1999 година кога кариерата ја продолжува во „Дневник“, првиот независен весник во Македонија. Таа е автор на анализи за повеќе организации како Институтот Отворено општество Македонија, Институтот за известување за војна и мир (Institute for War and Peace reporting) и порталот WAZ/EU Observer за односите на ЕУ и Западниот Балкан. Јовановска е добитник на Специјалната награда на Делегацијата на Европската комисија за известување од европските институции од Брисел.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.