Jaan Roose во најтешкиот предизвик досега: Одење по слеклајн помеѓу два подвижни објекти

Светскиот рекордер во слеклајн (н.з. одење по жица) Jaan Roose успешно го реализираше својот најголем предизвик досега – чекорење по подвижен слеклајн, затегнат помеѓу парасејл (падобран) и моторен чамец, информираат од „Ред Бул“ Македонија.

Roose е трикратен светски слеклајн шампион, а истовремено и првиот човек кој има изведено бројни фасцинантни подвизи низ целиот свет. Меѓу позначајните се: првата интерконтинентална прошетка по слеклајн во Турција, чекорење над Месинскиот Проток, прошетки помеѓу два облакодери во Дубаи и Катар, како и помеѓу две карпи во Кенија.

Овојпат, тој чекорење по „жица“ поставена помеѓу два подвижни објекти. Поточно, станува збор за предизвикувачка прошетка од падобран до чамецот кој го влече истиот.

„Тоа беше целосно непозната територија за мене. Си поставував прашања – дали е возможно да се чекори по слеклајн поврзан со падобран? Како? Колку долго?“, изјави Roose.

За да добијат одговори, Roose и неговиот тим се здружија со туристичката организација „Visit Maldives“, а естонецот помина една недела во одморалиштето „Siyam World Maldives“, во атолот Noonu, фокусирајќи се на усовршување на техниката и опремата.

   

„Поставувањето слеклајн помеѓу чамец и парасејл го прави овој проект најуникатен досега – затоа што аглите се сосема различни. Обично слеклајн се поставува помеѓу две статични точки, но овојпат имавме чамец и парасејл кои се движеа во различни насоки истовремено“, објасни Roose.

Тој развил неколку решенија за слеклајн системот со цел да биде функционален во вакви услови и секојдневно тестирал различни варијации. Финалниот резултат вклучува модифицирање на чамецот со еластичен систем за врзување, кој ги апсорбирал нестабилностите предизвикани од брановите, како и прилагодување на врската со парасејлот. Дополнително, биле додадени и неколку опции за барем делумна контрола врз насоката на парасејлот.

Истовремено, задолжително било и капетанот на чамецот да го испланира секој детал, бидејќи никогаш досега немал влечено парасејл додека некој чекори по жица.

Најголемиот предизвик за Roose, по 15 години искуство, бил фактот што мора одново да учи како да одржува рамнотежа на целосно нов начин.

„Дефинитивно, многу важен дел од овој проект беше самиот физички предизвик, бидејќи беше тешко да застанам на жицата и да го најдам вистинскиот момент да започнам со одење по жицата. А, кога веќе почнав, ми беше уште потешко да го приспособам телото и колената… Морав да го следам движењето на чамецот и во исто време да чувствувам што се случува со парасејлот зад мене“, раскажува Roose.

Фото: „Ред Бул“

Мораше целосно да го промени својот природен ритам, бидејќи наместо да се фокусира на секој чекор поединечно, како што обично прави, овојпат открил дека најдобар пристап е чекорење со двоен ритам – по два чекори, поради константата промена на висината на слеклајнот.

„Ова беше интензивно и долго патување, но и неверојатно предизвикувачко и успешно. Секој ден станувавме сè подобри, додека не почнавме да функционираме како оркестар“, додава Roose.

Кулминацијата се случила на самиот крај – кога, веќе исцрпен, Roose морал да се соочи со најтешкиот дел од патеката.

„Приближувањето кон целта е најинтензивно и најтешко, бидејќи телото е веќе во грч. Во мојот случај, додека се доближував до чамецот што сè уште се движеше, слеклајн системот веќе не функционираше најдобро, па морав да бидам уште попретпазлив при последните чекори“, открива шампионот.

Фото: „Ред Бул“

Откако успешно ја завршил оваа храбра прошетка, Roose бил преполн со емоции.

„Овој подвиг е доказ дека е возможно да се постави слеклајн меѓу два подвижни објекти и да се одржи рамнотежа за време на движењето. Со тоа, не само што го унапредуваме спортот од технички аспект, туку и покажуваме дека човечкото тело може да се адаптира и да постигне рамнотежа во најпредизвикувачка средина – на најтешкиот слеклајн во светот“, изјави тој.