Во рамките на драмската програма на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва (17 јули) со почеток во 21 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде изведена претставата „12“, по мотиви од драмата „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
„12“ е моќна приказна за група луѓе – дванаесет поротници – кои носат одлука за судбината на еден млад човек обвинет за убиство. Делото го истражува судирот меѓу предрасудите, моралот, правдата и човечката совест. Во затворена просторија, дванаесетмина од различни општествени слоеви, со различни погледи и ставови, се соочуваат меѓусебно, но и со самите себе, додека се обидуваат да донесат правична пресуда.
Иако на почетокот сите се убедени во вината на обвинетиот, еден поротник почнува да се сомнева во докажаното. Оттаму започнува интензивна и длабока дебата, низ која постепено се разголуваат личните уверувања, стереотипите и стравовите на секој од нив. Просторот на поротничката соба прераснува во микрокосмос на македонското општество, каде што се препознаваат пошироките општествени предрасуди и конфликти.
Претставата „12“ премиерно беше изведена во ноември 2024 година и оттогаш гостувала на повеќе фестивали во земјата и во странство. Освои повеќе значајни признанија, меѓу кои: награда за најдобра претстава, награда за најдобро уметничко остварување во целина, специјална награда за колективна игра, како и награда за најдобра епизодна машка улога за актерот Оливер Митковски.
Во претставата играат врвни актери, кои ја освоија и домашната и меѓународната публика: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Фестивалот „Охридско лето“ годинава се одржува од 12 јули до 20 август.