Македонскиот тим дебатери се претставија на интернационалниот турнир во Прага

Најдобрата говорничка на овогодишното Дебатно првенство Софија Антова, заедно со победничкиот тим – Меланија Петровска, Ивана Блажева и Петар Димов ја претставија Македонија и Младинскиот образовен форум (МОФ) на интернационалниот дебатен турнир „Praguе Debate Spring 2025“ кој се одржува од 8 јули до денеска (15 јули) во Прага, Чешка. Учесниците ги придружуваше Ангела Мијаковска, како тренер и судија.

„На овој настан на IDEA, млади луѓе од цела Европа се собраа за да учат, да соработуваат и да се вклучат во интеркултурен дијалог за клучните општествени и политички предизвици со кои се соочуваат нивните заедници и светот, глобално“, раскажуваат од МОФ.

По работилниците и подготвителните дебати, интернационалниот турнир се состоел од шест прелиминарни рунди во World Schools форматот. Тимот е рангиран како деветти најдобар тим на турнирот од 44, се пласираше во осмина-финале и е трети најдобар тим во категорија ESL (English Second Language). Дебатерката Меланија Петровска е шести најдобар говорник во оваа категорија, информираат од МОФ.

Фото: МОФ

„Уште погорди сме да ви кажеме дека нашата Ангела Мијаковска, иако влегува во улогата на тренер оваа година и до лани беше дел од националниот тим, успеа не само да брејка во осмина-финалето како судија, туку да суди до самото финале. Ова е огромен успех што покажува дека квалитетните дебатери стануваат и квалитетни судии“, посочуваат оттаму.

Како што велат, ова не е крајот за ниту еден од петорицата. Софија и Меланија имаат уште една година за средношколска дебата пред нив, а Петар, Ивана и Ангела ќе продолжат да бидат активни дебатери на студентската дебатна програма.

„За крај, би сакале да се заблагодариме на Чешката Дебатна Асоцијација кои ни ја дадоа можноста да учествуваме на овој настан“, истакнуваат од МОФ.

„Praguе Debate Spring 2025“ се одржува во склоп на „IDEA Youth Forum 2025“, Erasmus+ младинска размена, дебатен настан поддржан од Европската Унија.

Дебатното првенство годинава се случи на 17 и 18 мај на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Наредната година, пак, Скопје ќе биде домаќин на Европско првенство по дебата. Радио МОФ подготви видео во кое појаснува зошто е ова важно, „што е мубетот со дебатата“, како се дебатира, какви дебати постојат… Натпреварите, подготовките за нив, програмите за дебата – тоа се простори за заедничарење, размена на идеи и искуства. Дебатата е вештина, но и култура. Тренирајќи за неа, младите учат да мислат со своја глава и „надвор од кутијата“. Анализираат проблеми, формираат аргументи, поставуваат прашања… Дебатата е, всушност, образовна алатка што им помага на младите да размислуваат критички, логички, подобро да комуницираат и да се медиумски писмени. Со тоа, секојдневно да реагираат кога гледаат неправди, корупција или дискриминација.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)