[Став] „Спасот“ на светското наследство

Деновиве слушаме и читаме многу за идентитетот кој се обидуваат да го обезличат и избришат надворешни фактори. Охридскиот Регион е значаен дел од нашиот идентитет, чии вредности веќе трета деценија безмилосно ги обезличуваат и уништуваат криминалот и корупцијата под заштита на институциите.

Во текот на изминатата седмица нашето единствено природно и културно светско наследство по трет пат беше „спасено“ од страна на политичарите.

Исто како и два пати претходно, актуелните домашни политичари успешно излобираа политичарите во Комитетот за светско наследство да ја игнорираат проценката на состојбата направена од страна на експертите врз основа на директен увид на терен.

По трет пат во последниве 6 години ја слушнавме истата реторика на „спасителите“ од власта и на „загрижените“ од опозицијата, кои уште еднаш ни покажаа дека за нив функцијата на најголемото природно и културно богатство на земјата е да го обели имиџот на нивната партија и оцрни оној на противниците.

Исто како и претходните два пати, веќе се надзира „решителната акција за спас на светското наследство“, која надоврзувајќи се на сите претходни „решителни акции“, овој пат може да стави конечен крај на шансите за спас на вредностите на Охридскиот Регион.

Ако ја прочитате усвоената Одлука на Комитетот, скроена според амандманот кој во име на двете држави го поднесоа Турција и Казахстан, ќе видите дека нашата држава (и Албанија) нема ништо против да изработи Посакувана состојба на зачуваност и да усвои сет на корективни мерки – востановен механизам за светските наследства во опасност. Тоа што нашите политичари се изборија да не се оствари е мониторинг  врз реалното спроведување на овие мерки, како и пристап до финансии за истите, но финансии кои подлежат на редовни извештаи со докази и контроли. Имено, за едно светско наследство да биде отстрането од Листата на наследства во опасност спроведувањето на корективните мерки се проверува/верификува од советодавните тела на УНЕСКО, се додека навистина не се постигне посакуваната состојба на зачуваност; истовремено, за светските наследства во опасност конвенцијата (нејзините тела) се ангажира да се обезбедат финасии за спроведување на корективните мерки.

Со оваа Одлука до следната сесија на Комитетот ќе се изработува Посакувана состојба на зачуваност со корективни мерки – документ во кој, може да претпоставиме со голема веројатност ќе се најдат мерките од постоечкиот Стратегиски план за рехабилитација. И повторно, ништо од сето тоа нема да се реализира, додека на терен ќе продолжи уништувањето. Ова е воспоставена пракса од усвојувањето на Планот за управување во 2020 година: континуирано се изработуваат нови документи, со кои се „докажува посветеноста“ пред УНЕСКО, а кои ги содржат истите активности, но со нови рокови, кои не ги реализира ниту една одговорна институција.

Изјавата на премиерот за рушење на дивоградби зборува многу – најави рушење на дивоградбите „кои имаат одобрение за  реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти“ и дека „ќе се извадат на површина лицата блиски до партии од претходната Влада кои правеле такви злоупотреби“. Не ги спомена дивоградбите во Студенчишко блато, ниту хотелот кој се гради на ридот во Горица – градби кои УНЕСКО втора година по ред посебно ги истакнува во одлуките.

Да нема никаква заблуда, се додека не се отстрани хотелскиот комплекс во Горица во земјата не владее правото, туку криминалот и корупцијата, заштитени од сите одговорни општински и државни институции. Се додека постојат дивоградбите во блатото и хотелот во Рамне, се додека не се забрани лов на пастрмка, додека постојат Куба Либре, платформите во Св. Наум, Канео и сите останати конструкции во езерото, се додека не се усвојат закони за Охридското Езеро и Студенишко блато со сите препораки од УНЕСКО и Бернската конвенција, додека не се стопираат легализациите на дивоградбите и не се поништат сите легализации од 2019 до денес  – во земјата владеат криминалот и корупцијата, заштитени од локалната и државната власт.

Светско наследство е место со интегритет и автентични вредности, значајни за целата цивилизација и животот на планетата, а кои ги нема на ниту едно друго место, поради што светот се договорил дека мора да се зачуваат за следните генерации. Автентичните вредности и интегритетот на нашето единствено природно и културно светско наследство се на раб на конечно исчезнување. Не смееме да дозволиме „спасителите“, кои трет пат по ред „купија“ уште една година за да го спасат имиџот на партијата и да ги заштитат разните зделки, неповратно да ги обезличат и избришат овие вредности. Сите ние сме одговорни пред нашите и идните генерации во целиот свет.

Фронт 21/42

*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторот и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.