Повик за летен младински инклузивен камп  

Отворени се уште неколку слободни места за учество на младинскиот инклузивен камп, информираат од Центарот за младински активизам КРИК, потенцирајќи дека сите трошоци за летниот камп се собрани.

„Центар за младински активизам КРИК, поддржан од амбасада на Шпанија, Јуроп Хаус, Комерцијална банка АД Скопје, во соработка со Сојуз на извидници на Македонија – ве поканува да станете дел од нашата традиционална инклузивна летна младинска програма ‘Остваруваме кампување’!“, стои во повикот.

На повикот може да се пријават млади од 16 до 30 години, учесници со и без попреченост. Односно, како што велат од КРИК, секој кој сака авантура на отворено и креативни работилници.

Младинскиот инклузивен камп ќе се одржува од 11–15 август во Извиднички камп, Охрид.

Како програма и активности се најавени ноќевања под ѕвездено небо – организирани шатори и простор за дружење на отворено. Исто така кајакарење и игри во вода – забава на езерото за сите нивоа на вештини. Понатаму, ќе има и  креативни работилници – рачни изработки, сликање и креативни техники. Воедно, најавена е и социјализација –
музика, настапи, дискусии и слободно време за дружење.

„Учеството е бесплатно – вклучува сместување, храна и инклузивни активности“, велат од КРИК.

Заинтересираните може да ја пополнат онлајн пријавата на следниот линк: https://tinyurl.com/u5as5drj

Рок за пријавување е 18 јули 2025 година.

За дополнителни информации и пријавување, може да се посети линкот: https://tinyurl.com/wxamwxrh