Министерството за образование и наука и Министерството за финансии потпишаа договор со Германската развојна банка за, како што информираат, неповратни 5,5 милиони евра кои ги обезбеди Европската Унија преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија.
МОН вели дека грантот е наменет за покривање на дел од трошоците за реконструкција на четири државни студентски домови во рамки на втората фаза од проектот – „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, чии објекти треба да ги исполнат стандардите за речиси нулта енергетска потрошувачка.
„Со добивањето на овој грант, буџетот на проектот изнесува над 30 милиони евра и среќна сум што продолжуваме со реконструктивни активности во нови објекти. Очекувам градежните работи во четирите домови да почнат до крајот на годината“, рече Весна Јаневска, додавајќи дека во активен процес на реконструкција се домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје и дека многу наскоро ќе станат модерни и енергетски ефикасни.
Во третата фаза се студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола. Средства за завршување на втората и за третата фаза, ќе се обезбедат повторно во соработка со Германската развојна банка и Европската унија.
„Поради актуелниот топлотен бран многу луѓе стануваат уште посвесни за последиците од климатските промени: екстремните временски услови, кои се случуваат сѐ почесто и траат сѐ подолго, нѐ тиштат сите. Во рамките на Конференцијата за клима, нашите влади се обврзаа, двојно да ја зголемат енергетската ефикасност во светот до 2030 година. Енергетски ефикасната санација на студентските домови претставува конкретен придонес и непосредно помага да се подобрат условите за живот на младите во градот. На тој начин ја јакнеме и енергетската сигурност во Северна Македонија: бидејќи секој киловат час, којшто ќе се заштеди, значи дека не ни морал да биде произведен. Сето ова се реализира со заеднички напори на Владата на Северна Македонија, германската Кредитна банка за развој и обнова (КФВ) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) – ова е европската солидарност на дело!“, изјави амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер.
Проектот предвидува темелна енергетски ефикасна реконструкција на државните студентски домови, со поставување на нови фасади, прозори, системи за греење и осветлување, со цел да се постигне заштеда на енергија од 30% до 50% во однос на сегашната потрошувачка и да се обезбеди модерен и удобен простор за живеење на студентите. Покрај енергетски ефикасната санација, целта е да се интервенира и во можните конструктивни проблеми на објектите со цел да се продолжи нивниот век на траење и да се подобри нивната статичка стабилност.