Владата на седница донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена.
Како што објасни портпаролката Марија Митева, оваа одлука е донесена врз основа на седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.
„Што значи ова на терен? Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури. Ќе се овозможи брза мобилизација, вклучување на сите човечки, технички и логистички, за справување со ситуацијата и заштита на населението“, посочи Митева.
Таа нагласи и дека Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со приоритет на безбедноста на населението.
„Државата ќе биде таму каде што е најпотребно. Им изразуваме длабока благодарност на сите пожарникари, припадници на Армијата, полицијата, волонтерите и граѓаните кои веќе денови пожртвувано се борат со огнената стихија. Нивната храброст и посветеност заслужуваат највисоко почитување“, рече претставничката на Владата.
Таа ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел заеднички да се надмине оваа состојба.
„Владата останува целосно ангажирана и ќе продолжи преку дневна координација да ги следи состојбите на терен и да реагира соодветно“, потенцираше Митева.
Републиката во пламен
Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва (8 јули) соопшти дека до 19 часот на територија на Македонија регистрирани се вкупно 23 пожари на отворен простор од кои 11 се активни, а еден е под контрола.
Активни се пожарите кај Самоков и меѓу селата Црешнево, Локвица и Слатина во општина Македонски Брод, меѓу селата Блаце и Чучер и кај Кучевишка бара во општина Чучер Сандево, кај селото Љубанци во општина Бутел, под Солунска глава меѓу изворите на Бабуна и Банина Дупка, кај селото Бешиште во Прилепско и од селото Волино кон селото Ливада во општина Охрид.
Активни пожари има и долж автопатот Гостивар-Тетово каде гори ниска вегетација и кај селото Крушевица, Кавадаречко и селото Николиќ кај Дојран.
Според информациите од ЦУК, изгаснати се девет пожари, а два се локализирани.