Кучето Феликс било убиено затоа што мавтало со опашката, реагира ЗХГ и бара максимална затворска казна за обвинетите

На вчерашното рочиште за нанесување на смртоносни повреди на кучето Феликс, обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски презентираа снимка на која кучето радосно им приоѓа на напаѓачот и соучесникот, мавтајќи со опашката, велат од здружението Зелен хуман град (ЗХГ), чии активисти биле присутни во судницата.

Според обвинетите, а како што тврди здружението, видеото е доказ за „агресијата“ на Феликс и дека „сам си го барал“.

„Снимка на која куче радосно им приоѓа ја користат како алиби за злосторството и доказ дека било агресивно. Крвникот Љубе Крстевски се појавува на само едно од шесте презентирани видеа и Феликс не се ни доближува до него. Тврдат дека љубопитност и приврзаност се причина за ѕверска ликвидација. Каква болна логика. Ако едно животно секојдневно ти приоѓа со доверба, тоа значи дека заслужува да биде убиено?!“, реагира ЗХГ.

Видеото не било доставено до обвинителството и адвокатката затоа што обвинетите сакаат да го манипулираат процесот зад затворени врати, смета здружението.

Оттука, ЗХГ ја повикува судијката Лидија Петровска да изрече максимална затворска казна за Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски.

„Убивањето на невино животно што им верува на луѓето е злосторство што не може да се сокрие зад евтини извитоперени конструкции. Тие не само што не се каат, туку тврдат дека Феликс ‘сам си го барал’ да го убијат“, нагласуваат од здружението.

„Во држава што не затвара насилници, садизмот станува култура!“, порачаа граѓаните на вчерашниот протест за кучето Феликс