Нема пари во буџетот за заштита од симнување на мечките во селата, ќе се бараат преку проекти

Националниот акционен план за кафеавата мечка ќе се спроведува со финансирање преку проекти во меѓународни институции бидејќи годинава во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање нема предвидени пари за активности за управање со ова диво животно. Планот се направи како резултат на сè почестото симнување на мечката во руралните средини на Шар Планина, како последниот случај на жена од тетовското село Синичане, која вчера била повредена од мечка додека се движела по шумски пат во атарот на селото, како и заради потребата за превенција на средбите на дивите животни со локалното население. Во него се предвидени повеќе активности кои се во насока на заштита на луѓето и нивниот имот, но и на мечката, која во потрага по храна, се почесто ја напушта планината и се симнува во селата, пренесува агенцијата Мета.мк.

Од Министерството велат дека планот предвидува истражување и мониторинг на кафеавата мечка, изградба на еколошки коридори, спречување на штетите за имотот на луѓето и мерки за компензација, подигнување на јавната свест и активности за меѓународна соработка. Од таму потенцираат дека сите тие ќе се резлизираат доколку биде прифатена апликацијата на проект во ЕУ Лајф.

„За жал од буџетот на МЖСПП за оваа година не се обезедија средства за активности за управување со кафеавата мечка. МЖСПП во соработка со регионални партнери аплицраше на проект на ЕУ Лајф, каде главна цел е управување со популациите со ова диво животно. Доколку евалуацијата помине успешно, активностите од Националниот акциски план во најголем дел ќе се споведат. МЖСПП активно учествува и во регионалната мрежа Иницијатива за големи месојади од Динарско-балканско-пиндско потекло која во мај имаше регионален состанок во Јанина“, информираат од Министерството.

Од таму посочуваат дека реализацијата на планот е веќе започната со поставувањето на електрични огради за заштита на земјоделците и пчеларите на Шар Планина, кои се финансирани од Светскиот фонд за природата -WWF Хрватска. Петмина земјоделци и пчелари кои се соочиле со штети предизвикани од диви животни добија соларни електрични огради кои треба да ги спречат животните да влезат во нивните имоти.

Исто така во Националниот парк „Шар Планина“ веќе се поставени фото камери преку кои управата на паркот ќе ја следи состојбата со популацијата на крупни ѕверови, меѓу кои и на мечката. Слична опрема има и Националниот парк „Маврово“, која треба да се монтира и наскоро да биде оперативна. Од Министерството велат дека летово ќе се постават и контејнери за отпад со заштита од мечки во селото Галичник.

„Во моментов МЖСПП преговра и со Ветеринарниот факултет од Скопје за склучување на меморандум за соработка за давање на поддршка за анализа за ДНК на кафеавата мечка во нашата земја, што е една од клучните активности од акцискиот план“, посочуваат од Министерството.

Акцискиотот план за кафеавата мечка се изработи минатата година во рамките на ЕУ проектот Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES во 2024 година, како прв сеопфатен документ кој треба да обезбеди насоки за зачувување и управување со кафеавите мечки во земјата, особено по настаните во 2023 година кога мечки се симнуваа во села во Маврово и Шар Планина во потрага по храна. Планот е усогласен со меѓународните конвенции, планови и препораки за зачувување на кафеавата мечка во Европа и во глобални рамки и е дизајниран да биде прилагодлив и флексибилен за повремено да подлежи на ревизии за успешност. Кафеавата мечка во земјава има статус на заштитено животно со законите за дивеч и ловство и за природа како и неколку меѓународни директиви и конвенции. Се претпоставува дека бројката се движи од 330 до 380 единки, кои живеат во западниот дел од државата, и се дел од Динарско-пиндската популација, една од десетте популации на мечки во Европа, која брои околу 4000 единки и влегува во групата на ранливи животни.

Мета.мк