UN Women: 119 милиони девојчиња не одат на училиште, a 39 отсто не завршуваат средно образование

Над 119 милиони девојчиња сè уште не одат на училиште, а 39 проценти од младите жени не го завршуваат средното образование. Владите и заедниците мора да ги намалат трошоците за школување, да понудат парични трансфери и да обезбедат безбедни и инклузивни образовни средини. Ова е само една од препораките на UN Women, oрганизацијата на Обединетите нации за родова еднаквости јакнење на жените, која ја одбележува својата 15 годишнина оваа година, пренесува агенцијата Мега.мк.

Како што се потенцира, светот забележува значаен напредок во родовата еднаквост што ги промени животите на жените и девојчињата низ целиот свет, но иако ова е причина за прослава, напорите за еднаквост се намалуваат.

„Анкета од март 2025 година покажува зголемување од 60 проценти на загриженоста за недостатокот на напредок во родовата еднаквост. Податоците на UN Women говорат дека речиси една од четири земји доживува реакција против правата на жените. Родово-базираното насилство се зголемува. Дигиталниот родов јаз се продлабочува. А над 600 милиони жени и девојчиња сега живеат во близина на конфликтни зони. Овој историски и несигурен момент се заканува да ги поништи тешко стекнатите придобивки. Постигнатиот напредок не може да се земе здраво за готово. Оваа година, кога одбележуваме 30 години од Пекиншката декларација и Платформата за акција и 25 години од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН, е време за храбро лидерство и непоколеблива посветеност за исполнување на ветувањата дадени во Агендата 2030 и Целите за одржлив развој, Агендата за жени, мир и безбедност“, се наведува во соопштението од UN Women.

UN Women ја одбележува својата 15-годишнина со обновена посветеност да продолжи да им помага на 4-те милијарди жени и девојчиња низ целиот свет. За да се поттикне родовата еднаквост, UN Women повикува на 15 акции.

Оттаму се залагаат за справување со негативните реакции против правата на жените, застапеност на жените во мировните процеси, искоренување на сиромаштијата, крај на насилството врз жените, промовирање на пристапот на жените до економијата, искоренување на родовиот јаз во платите, зголемување на лидерството и политичкото учество на жените, отстранување на дискриминаторските правни рамки, обезбедување на родова еднаквост во образованието.

Според податоците на UN Women, речиси 800 жени умираат секојдневно од причини поврзани со бременоста што можат да се спречат. Во 51 процент од земјите постои барем едно ограничување што ги спречува жените да ги работат истите работи како и мажите. Жените сè уште заработуваат 20 проценти помалку од мажите. Една од десет жени и девојчиња живее во екстремна сиромаштија.

Мета.мк