Здружението „Икуалити“ (Equality), во соработка со Општина Кисела Вода ќе проектира, изведува и уредува нов „Парк на еднаквоста“, поддржан финансиски и од Амбасадата на Република Полска.
„Паркот ќе содржи интегративни содржини, ќе биде урбано уреден, ќе ја поттикнува креативноста кај наjмладите и децата и ќе има за цел да ги едуцира и информира посетителите за значењето на учењето и осознавањето преку игра, релаксација и интегративни катчиња. Преку разновидни содржини и можности за интегративно дружење, овој парк ќе поттикне заедништво и ќе ја оживее можноста за поврзување со природата во Скопје“, велат од „Икуалити“.
Според здружението, проектот за паркот е пример за јавно-приватна соработка на невладина организација и локална самоуправа, во соработка со локални фирми. Тие, додаваат од „Икуалити“, ќе создадат општествено значаен проект со карактеристики и на знаменитост, а ќе биде корисен од заедниците од општините Кисела Вода, Аеродром, Центар, како и поширокото подрачје на Скопје.
„Паркот на еднаквоста“ ќе поттикнува интеграција и дружење како кај најмалите од 1,5 годишна возраст, така и кај повозрасните, поради атрактивноста и функционалноста, истакнува здружението.
„Проектот предвидува создавање на урбан парк, кој ќе биде наполно пристапен архитектонски, како и со лесен приод во сите негови содржини, но и пристап до паркинг места, вклучително за возачи со попречености. Паркот ќе биде отворен и за домашни миленици“, наведуваат од „Икуалити“.
Реализацијата ќе започне во текот на ова лето, а рокот за извршување е предвиден до декември 2025 година.
Проектот „Изедначување на пристапот на лицата со попреченост до урбаниот простор преку изградба на Парк на еднаквост во Општина Кисела Вода“ е поддржан во рамки на програмата „Полска помош“ со износ од 29.000 евра.