Откако Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски ги промовираа новите велосипедски патеки, иницијативата БитолаНаТочак направи фотогалерија со анализа на добрите и лошите работи при изведбата.
Според сликите, некаде постои хоризонтална сигнализација се’ уште не е доработена, нерамномерно нанесување боја, испрекината вело-патека, рабници што не се слеани, дупки, отвори со капаци и без капаци…
Од иницијативата НаТочак велат дека се повторуваат многу грешки кои беа правени и во Скопје при почетокот на Скопје Велоград 2014-2017.
„За жал, како и во скопскиот случај, мора да се учи од лична пракса, не од туѓи грешки и пример. Заради ова потребно е Министерството за транспорт и врски што побрзо да го донесе Правилникот за велосипедска инфраструктура, за да не дојде до вакви грешки при изведби“, посочуваат од НаТочак.
Правилникот, велат од таму, јасно кажува како треба да се изведе велосипедска патека за да не дојде до ситуација како битолската со патека со високи рабници, супстандардна ширина (не смее патека потесна од 1.5 м), нерамна подлога итн.
„Можело да е многу подобро, но добро е што има нешто. Па нека се подобрува. Честито БитолаНаТочак! За овие патеки вие со години се боревте. Покажувате дека вреди конзистентноста во активизмот. Честито битолски велосипедисти! Нека ви се множи и подобрува велосипедската инфраструктура“, соопштија од НаТочак.
Инаку, Радио МОФ на неколку пати веќе пишуваше за потребата од Правилник за велосипедска инфраструктура. Особено што долго време велосипедистите и екологистите гласно зборуваат дека на велосипедот му треба поинаков, безбеден и соодветен третман, за да може да биде интегрален дел од сообраќајната и урбаната мрежа.
Оттука, „Гоу Грин“ и соработниците креираа предлог-Правилник, а на крајот од 2024 година Министерството за транспорт и врски ја прифати иницијативата и најави заедничка соработка со граѓанските здруженија, со цел, како што рекоа, да се креираат нови нормативи и стандарди како во иднина квалитетно би се планирала и би се реализирала вело-инфраструктурата.
Министерството за транспорт и „Гоу Грин“ заедно ќе работат на нови стандарди за велосипедската мрежа
Од предложените документи од „Гоу Грин“ и соработниците, стои дека на една вело-патека треба да можат да се разминат два велосипеди со приколка, како да се планира во зона на крстосница, автобуски стојалишта, коловозната конструкција и каков тип на материјали смеат да се користат на вело-површини.
Исто така, во нив се дефинирани и деталите за површини за паркирање, нивни димензии, каде се поставуваат и каква треба да биде урбаната опрема за паркирање. Последното поглавје е посветено и за одржување на вело-површините.
Бојан Шашевски
Колаж на фотографии од БитолаНаТочак