Стотици активисти и граѓани вчера се собраа на протест во местото Смрдлива Вода на Кожув планина, на кој го изразија својот револт против планот да се изградат две мали хидроцентрали на оваа планина, објави агенцијата Мета.мк.
„Сакаат да ги исечат вените на Кожув“, „Народот е спасот за Дошница“, се само дел од транспарентите, со кои активистите испратија јасна порака – дека се против било каква изградба на вакви објекти со кои значително би се нарушил биодиверзитетот. Иако биле поканети градоначалниците на трите општини, Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, да присуствуваат на протестот во знак на поддршка на граѓаните, во Смрдлива Вода дојде само градоначалникот на Демир Kапија, Лазар Петров.

Присутните на протестот кажаа дека нема да дозволат да се градат хидроелектрани на Кожув. Фото: Страхил Поповски / Мета.мк
„Со овој протест сакаме да испратиме порака до властите, да им дадеме до знаење дека насекаде хидроелектрани се рушат бидејќи го рушат биодиверзитетот и влијаат врз климатските промени. А ние, наместо со Устав да ги заштитутваме планините, кај нас се дозволува истите да уништуваат. не се работи овде само за реката Дошница. Во Македонија треба да се стопираат сите концесии за изградба на мини хидроелектрани. Ако си ја сакаме државата, треба да ја штитиме и чуваме. Затоа ние нема да дозволиме да се гради. Живеев во Холандија 16 години, дојдов пред неколку години, само за да гласам против рудниците, сега останувам овде за да се борам против хидроелектрани. Отпорот ќе биде голем“, вели за Мета Марина Томова од организацијата „Change makers“ од Гевгелија, која додаде дека наместо да ги штити граѓаните и планините, власта променила закони во поддршка за изградба на хидроелектрани.

Конска река во подножјето на Кожув планина, има значително намален водостој. Фото: Антонија Поповска / Мета.мк
Мета поразговара и со Лазар Петров, градоначалникот на Демир капија, кој истакна дека во конкретниот случај, е на страната на граѓаните и активистите и е на став дека не смеат да се градат хидроелектрани на Кожув.
„Јас сум повеќе за да има базени, брани, акумулации со вода“, рече Петров, кој минатата година, заедно со градоначалниците на Гевгелија и Кавадарци, покренаа иницијатива за прогласување на Кожув за Национален парк, со оглед на фактот дека планината ги опфаќа сите три општини.
Вчерашниот протест беше најавен и на Фејсбук, а во објавата организаторите прашуваат – Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат хидроелектрани?
„Сакаат да направат пустина од Дошница, најчистата река во Македонија – нема да дозволиме. Во недопрената природа на Кожуф планина, над Смрдлива Вода (Гевгелија), сакаат да градат хидроцентрали. Тие се на територија на општина Кавадарци, меѓутоа ова значи уништување и загрозување на живиот свет и водата во Демир Капија, Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци и околните села, бидејќи сите пиеме вода од истата планина. Конска Река е веќе пресушена. Под закана се Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Селечка, Брајчино, Станечка, Врановска, Бачишка, Падалишка река. Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат овие хидроцентрали?“, пишува во објавата.

Браната Конско се градеше изминативе години, а се наоѓа близу селото Конско. Фото: Антонија Поповска / Мета.мк
Активиститите во меѓувреме, од изминатиов четврток својот револт го изразуваат и на блокади, на патот кон ски-центарот, каде што се планира изградбата на овие објекти.