Целосна забрана за движење во шумите во јули и август

Министерството за внатрешни работи известува дека согласно насоките на Владата по барање од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство даде согласност за целосна забрана на движење во шумите и шумското земјиште.

Согласноста е издадена врз основа на членот 57 став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

Целосната забрана за движење во шумите започнува од 1 јули и ќе трае се до 31 август. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, соодветно за подрачјето со кои управуваат.

За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.