[Фото] Активисти почаа да се собираат за одбрана на Дошница: Река не се затвора во цевка – живот не се гаси за профит!

Активисти од разни генерации од утрово почнаа да се собираат кај Смрдлива вода, Гевгелија, со цел да се блокира Дошница, но и да се даде јасен граѓански сигнал за одбрана на оваа река на Кожуф од изградба на две мали хидроцентрали. 

Иницијативи како Changemakers4all и здружената Зелена народна стража, посочија дека од денес (четврток, 26 јуни) и во наредните денови ќе се организира блокада од 6 до 18 часот, додека главниот протест е во недела (29 јуни) од 11 часот, токму на Смрдлива Вода. Апелира сите кампери да си донесат опрема за кампување.

 

„Хидроцентралите се на територија на Општина Кавадарци, меѓутоа ова значи уништување и загрозување на живиот свет и водата во Демир Капија, Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци и околните села, бидејќи сите пиеме вода од истата планина“, стои во повикот за блокадата и протестот.

Од Зелена народна стража потенцираа дека Конска Река (Гевгелија) е веќе пресушена. Истовремено, рекоа од таму, по закана се Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Селечка, Брајчино, Станечка, Врановска, Бачишка, Падалишка река…

„Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат овие хидроцентрали? Хидроцентрали на Дошница не смее да има! Свесни, чисти и храбри луѓе од Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци, Неготино, Росоман и цела Македонија – ова нѐ засега сите! Се гледаме на блокади од четврток и главен протест во недела!“, стоеше во повикот за протест.

Од Changemakers4all рекоа дека во недела организираат бесплатен превоз од Гевгелија до Смрдлива Вода, за сите кои сакаат да учествуваат на протестот

Се тргнува во 09:45 часот пред Градскиот театар во Гевгелија.

„Кажуваме јасно НЕ на мини хидроелектрани! Да не дозволиме реката Дошница да заврши во цевка! Ве повикуваме да бидеме заедно, гласни и достоинствени во одбрана на природата која ни припаѓа на сите! Здружени можеме да ја заштитиме нашата вода, нашата шума и иднината на нашите деца. Река не се затвора во цевка – живот не се гаси за профит! Не сме вода за ваши хидро профити! Дошница е живот – не дозволуваме да ја затворат! Природата не е бизнис план! Шумата не е нивна, реката не е нивна – наша е! Цевка не е живот! Да ја чуваме Дошница! Природата нема резервна копија! Без вода – нема живот! НЕ за хидро, ДА за иднината! Гласно за реката, тивко не се спасува ништо!“, се вели во повикот за протест.

Фото: Changemakers4all