Сакаат да направат пустина од Дошница, најчистата река во Македонија – нема да дозволиме! Во недопрената природа на Кожуф планина, над Смрдлива Вода, Гевгелија, сакаат да градат две мали хидроцентрали, реагираат од иницијативата Зелена народна стража, најавуваќи блокада и протест за спас на Дошница.
Блокадата е најавена секој ден од четврток (утре, 26 јуни) од 6 до 18 часот, додека главниот протест е во недела (29 јуни) од 11 часот, токму на Смрдлива Вода. Апелираат сите кампери да си донесат опрема за кампување.
„Хидроцентралите се на територија на Општина Кавадарци, меѓутоа ова значи уништување и загрозување на живиот свет и водата во Демир Капија, Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци и околните села, бидејќи сите пиеме вода од истата планина“, стои во повикот за блокадата и протестот.
Од Зелена народна стража потенцираат дека Конска Река (Гевгелија) е веќе пресушена. Истовремено, велат од таму, по закана се Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Селечка, Брајчино, Станечка, Врановска, Бачишка, Падалишка река…
„Уште колку реки и планини треба да се уништат за да престанат да се градат овие хидроцентрали? Хидроцентрали на Дошница не смее да има! Свесни, чисти и храбри луѓе од Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци, Неготино, Росоман и цела Македонија – ова нѐ засега сите! Се гледаме на блокади од четврток и главен протест во недела!“, се вели во повикот за протест.
Инаку, иницијативата веќе објави и видео, со кое ги нагласија заканите за реката Дошница и Кожуф Планина – една од најчистите реки, во една од недопрените планини во Македонија.
„Малите хидроцентрали се едно од најголемите зла, бидејќи произведуваат незначително малку струја, а убиваат цел екосистем: реката се зафаќа високо во планината, низ цевка се спушта многу пониско до централата и реката пресушува. Исто така, државата им дава на инвеститорите загарантирана откупна цена на произведената струја за 20 години (ниту еден друг извор на енергија нема загарантирата откупна цена). Понатаму, граѓаните плаќаат дупло: без разлика на реалната моментална цена на струјата, поради загарантираната откупна цена ние плаќаме повисоки сметки за струја, а бидејќи овие хидроцентрали се субвенционирани, ние ги плаќаме субвенциите преку даноците. Воедно, лесно и брзо се даваат кредити под маската на ‘зелена’ и ‘обновлива’ енергија. Пример за еколошка катастрофа и уништена река поради вакви хидроцентрали е Конска река во Гевгелија, а вакви случаи има повеќе“, нагласија од иницијативата, дополнувајќи дека за профит на неколкумина, страда цела Македонија.