„Супорт Кочани“ обезбеди 4070 силиконски лепенки за повредените од трагедијата, ќе бидат донирани на Општата болница

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ (Support Kocani) информира дека во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки „Atrauman Silicone“, со вкупно 4070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан.

„Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош“, истакнуваат од иницијативата.

Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите.

Дополнително, „Супорт Кочани“ очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.

„Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме – од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови“, велат од иницијативата.

„Супорт Кочани“ и натаму останува целосно посветена на транспарентна, брза и ефикасна поддршка за сите на кои им е најпотребна.