Министерството за образование на Србија објави дека го исплатило преостанатиот дел од средствата за плати на наставниот кадар за февруари и март на високообразовните институции кои ја продолжиле работата и започнале со настава и организирање испити. Од друга страна, испратило инспекција до факултетите кои не се согласуваат за онлајн предавања, а има и такви институции на чии врати извршителите би можеле да затропаат поради финансии, пишува Н1.
Оние кои подлегнале под економски притисоци, за нив има. Министерството за образование повторно ја отвори касата, преостанатите пари почнаа да легнуваат. Полупразните сметки се полнат само за факултетите кои започнале онлајн настава и организирање испити.
Оние кои упорно продолжуваат со прекинот на работата велат дека не размислуваат за плати, а уште помалку за предавања преку интернет.
„За нас е важен квалитетот, а не квантификацијата и вечната трансформација во некои бројки и заработка. Токму затоа и студентите и ние професорите, соработниците, истражувачите и уметниците се спротивставуваме на таков систем на уцени и принуда“, вели Наташа Јанковиќ од Наставничкиот факултет.
„Многу се трудиме да го зачуваме единството на Универзитетот. Универзитетот е составен не само од наставници, туку и од студенти, тој е една неразделна целина“, вели Мирослав Андриќ од Стоматолошкиот факултет.
Професорите и студентите се обидуваат да го зачуваат единството, државата вложува максимални напори да го „раскине“. Па, додека на некои од нив им ја плаќа нивната заработка, на други не сака да им помага со режиските трошоци, што отсекогаш го правела.
Факултетите за стоматологија, хемија, фармација и машински факултет апелираат дека поради неплатени сметки, им се заканува затворање на зградите, па и извршители.
„Искрено, нема причина да се случи ова, станува збор само за отворен и гол притисок врз универзитетот и факултетите, на начин што, мислам, е невиден во оваа земја“, вели Мирослав Андриќ.
Деканот на Хемискиот факултет вели дека му пишал на „Инфостан“ (н.з. Јавно комунално претпријатие во Белград), повикувајќи се на разговорите меѓу ректорот и премиерот, но не наишол на разбирање.
„Добив одговор од ‘Инфостан’ дека рокот за исплата на тие средства е 25 јуни“, вели деканот Дејан Роглиќ.
Н1: Нив, во превод, тоа не ги интересира?
„Да. Го препратив до ректорот, го препратив до Министерството за образование и ги информирав за писмото што го добив, нема одговор од Министерството за образование“, вели Роглиќ.
Министерството за образование и Филозофскиот факултет не одговорија на барањата во врска со условите за работа десет дена, па членовите на синдикатот во таа институција штрајкуваа. Наместо покана за разговор, тие добија инспекција со која се проверува дали се на легален штрајк.
„Претпоставувам дека присуството на инспекцијата ќе биде поврзано и со пошироката рамка на работењето на факултетот и во рамките на моменталниот притисок врз сите факултети да преминат на онлајн настава“, вели Нада Секулиќ од Филозофскиот факултет.
Според Секулиќ, штрајкот во Филозофски не предвидува вакви часови и додава дека нема расположение кај мнозинството воопшто да се дискутира за тоа.
Во моментов, според Министерството, ваквите институции се помалку од десет проценти.