Независните иницијативи за изјавата на Мицкоски: „Скандинавскиот“ премиер балкански манипулира

Да се тврди дека зголемувањето на прагот за независни кандидати е во корист на граѓаните е навреда за нивната интелигенција, велат независните граѓански иницијативи за вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека се носат „најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации“.

„Тоа е како да им ги затвораш вратите, па да им објаснуваш дека така полесно ќе влезат. Независните кандидати се директен глас на граѓаните – секое административно отежнување на нашата кандидатура е удирање по основното право на избор и претставеност. Зголемувањето на прагот не е услуга, туку бариера. И секој што тврди спротивно е уплашен од вистински плурализам“, истакнуваат независните иницијативи.

Тие го упатуваат Мицкоски да ја прочита Одлуката на Уставниот суд У.бр.186/2024 (Сл. весник бр. 116/2025) со која Судот ги укина претходните противуставни измени на Изборниот законик за да види што навистина се најдобри решенија за потребите на граѓаните.

„Измените кои Мицкоски и останатите партии во Собранието се обидуваат да ги протуркаат се уште поекстремна верзија на противуставните измени укинати од Уставниот суд. Како граѓански иницијативи кои учествуваа на минатите локални избори и освоија места во советите низ општините во Македонија остро се спротивставуваме на секаков обид за извртување на фактите. Ја нагласуваме невистинитоста на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со прагот за собирање потписи за наше кандидирање на локалните избори“, велат тие.

Според нив, Мицкоски свесно или од недоволна информираност ги меша прагот на освоени гласови на парламентарни избори за влез во германскиот парламент со прагот на потребни потписи кои во Германија се бараат за да може граѓани воопшто да се кандидираат на избори.

„Премиерот вели дека во Германија за да се влезе во парламентот се потребни 5%, но не кажува дека тоа се однесува на процентот од освоени гласови на избори. Премиерот не кажува и дека за да може граѓански листи да се кандидираат на избори во Германија треба да соберат само 200 потписи. Што значи дека со само 200 собрани потписи граѓански иницијативи може да се кандидираат на парламентарни избори во Германија и ако притоа освојат најмалку 5% од гласовите, тие ќе добијат место во Бундестагот“, нагласуваат независните иницијативи.

Притоа, тие се потсетуваат и на изјавата на Мицкоски кога не беше премиер, туку, предводник на опозицијата, дадена на 1 август 2021 година кога изјави дека „за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив и праг од 1% и воопшто да нема праг во однос на поднесувањето потписи за независна листа за кандидатура на претстојните локалните избори“.

„Од што денеска се плаши Мицкоски како премиер?“, прашуваат независните.

За подобар преглед на искуствата од европските држави околу бројот на потписи потребни за кандидирање на избори на независни граѓански иницијативи, тие доставија искуства од повеќе држави.

Во Франција не се потребни потписи, како и за во Естонија, каде треба само депозит во висина на минимална плата. Во Малта се потребни само четири потписи со депозит од 90 евра, кој се враќа ако иницијативата одвои 10% од изборната квота. Обединетото Кралство бара само 10 потписи, а Грција 12 по изборна единица. Во Ирска, пак, потребни се 30 потписи или 500 евра депозит. Холандија – од 10 до 30 по изборна единица, до максимални 580 на ниво на држава. Во Финска 100, Данска 150-200, Германија 200, а во Швајцарија зависно од големината на кантоните од 100-200-400 потписи.

Во Исланд се потребни 30-40 потписи за пратеничко место во избирачка единица. Вкупниот број на потписи по избирачки единици се движи од 240-520, зависно од бројот на пратенички места по избирачките единици. Австрија бара потписи од 3 пратеници или 100-200-400-500 потписи зависно од федералната држава/Виена. За кандидирање на ниво на цела држава 2.600 потписи. Белгија потписи од 3 пратеници или 200 (изборна единица под 500.000), 400 (изборна единица од 500.000-1.000.000), 500 потписи (изборна единица над 1 милион). Во Хрватска 500 потписи, како и во Унгарија и Норвешка.

Независните граѓански иницијативи наведуваат и примери на европски земји кои немаат потреба од потписи за листа на независни кандидати за советници и градоначалници: Франција, Естонија, Грција и Швајцарија. Во Малта се потребни само 4 потписи со 90 евра депозит. Во Финска 10, Ирска 15 или 100 евра депозит, Обединетото Кралство 2-10 потписи, и 330 потписи за градоначалник на Лондон – по 10 потписи од секоја четврт и 10 од градот Лондон. Холандија за совет со помалку од 19 члена – 10 потписи, помеѓу 19-39 члена – 20 потписи, за сите други – 30.

Во Шведска мора да се регистрира како партија, дури и ако се работи за едно лице кандидат, 50 потписи се потребни за регистрација. Во Данска 25, 50 и 150 за Копенхаген, Исланд 101-500 жители – 10 потписи, 501-2.000 – 20, 2.001-10.000 – 40, 10.001-50.000 – 80, над 50.000 – 160 потписи.

Во Босна под 1.000 – 5% од избирачите, до 10.000 – 100 потписи, над 10.000 – 200 потписи. Германија до 2.000 – 20 потписи, до 5.000 – 40, до 10.000 – 60, до 20.000 – 80, до 50.000 – 100, до 100.000 – 160, до 300.000 – 200, повеќе од 300.000 – 240 потписи. Австрија до 300 жители – 5 потписи, 301-750 – 8, 751-1.300 – 11, 1.301-3.000 – 18, 3.001-5.000 – 25, 5.001-10.000 – 40, повеќе од 10.000 – 50.

„Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај. Колку повисоки прагови поставувате, толку повисоко ќе прескокнеме“, заклучуваат од граѓанските иницијативи Зелен хуман град – Град Скопје, Шанса за Центар, Независни за Карпош – За заштита на Карпош, „Поинаку“ – Битола, „Стига е“ – Струмица, Босилово и Ново Село, Поранешни независни советници од Подобро за Тетово и Зелените од Гази Баба.

Независните кандидати: Претседателката да не го потпишува указот за прогласување на противуставни измени на Изборниот законик