Повикувајќи ги љубителите на независната македонска сцена, „Шарла“ (Sharla) организира слушачка промоција на новиот албум на дуото Омерагиќ + Спировски – (слобода) LP.
Ова музичко матине ќе се случи во петок (утре, 20 јуни) со почеток во 16 часот во продавницата за музички изданија на легендарниот Симе – „re:start“ во ГТЦ
„Вториот албум на оваа исклучително агилна музичка двојка (‘Светлост’, ‘Odron Ritual Orchestra’, ‘Fighting Windmills’ итн.) е логично продолжение на нивното деби – ‘Two Ways East’ од 2020 година, исто за ‘Шарла’. Или не. Ако тогаш ги истурија музичките страсти врз две пијана, овде се во својата матична инструментална поставка – контрабас и тенор саксофон/кларинет. Но, само навидум. Звучната слика е далеку покомплексна со оглед на експерименталниот пристап поткрепен од еден куп звучни ефекти, гребења, вокални крици и лупови создавани во текот на самиот студиски процес на снимање во живо“, соопштуваат од „Шарла“.
Од таму посочуваат дека се работи за двајца врвни музички визионери и разбојници во исто време, во чие креативно лудило ќе ги сретнете влијанијата на панкот и фри џезот, анархизмот и борбата за работнички права, Чаир и Ѓорче од прва – и секако, волшебниот апсурд на 21 век.
„И сѐ тоа, само и единствено во име на универзалниот порив и потреба на човечкиот дух – за слобода. Дојдете да ја слушнеме, и да наздравиме за неа“, стои во повикот на „Шарла“.
Инаку, албумот Омерагиќ + Спировски – (слобода) LP ќе биде достапен и на CD во строго лимитиран тираж само за оваа промоција.
За оние што не знаат, „Record shop re:start“ се наоѓа на прв кат во ГТЦ, во редот дуќани со ориентација кон Вардар (до оптика „Орбис“).