„На дневен ред на вчерашната 53-та седница на Собранието ВМРО, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН здружено поставија предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, повторно по скратена постапка, со кој ѝ плукаат во лице на уставноста и со кој дрско ја погазуваат одлуката што ја донесе Уставниот суд за укинување на претходните противуставни измени на Изборниот законик што Собранието ги донесе во март 2024 г“, реагираат здружените независни граѓански иницијативи за најновите случувања во законодавниот дом.
Нивната реакција ја пренесуваме интегрално:
„Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни — по нивниот монопол. Ова не е изборен закон. Ова е акт на страв! Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине!
Овие измени на Изборниот законик се во колизија со одлуката со која Уставен суд ги укина претходните противуставни одредби од 1%. Сега предложените прагови за потписи се дури и повисоки од 1% за голем број на општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите. Уставниот суд наведе дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните што е гарантирано со член 22 од Уставот бидејќи со оспорената измена се отежнати или оневозможени условите под кои граѓаните ќе можат да избираат независни кандидати.
Претходните одредби беа применувани безмалку две децении и се поставува прашањето зошто пратениците во 2024 г. се одлучија да ги изменат по 18 години нивна примена во практиката без доволно аргументирано објективно образложение. Истото се случува и со сегашните предлози.
Овие измени на Изборниот законик не се во функција на поттикнување, туку во функција на ограничување на плурализмот на политичките ставови и мислења, што е прекршување на уставно загарантираното право на кандидирање за јавна функција што го има секој граѓанин на Македонија уредено во чл. 23 од Уставот. Ова право воедно е и една од темелните вредности на македонскиот уставен поредок. Предложените измени не создаваат услови за плуралистичка политичка клима, фер изборен натпревар и средина во која ќе се промовира учество не само на политичките партии, туку и на другите групи и поединци во политичкиот и јавниот живот, во која и граѓаните како поединци ќе можат слободно, како независни кандидати да ги изнесуваат своите ставови и мислења кои најчесто се различни и спротивни од оние на политичките партии и партиските кандидати.
Недозволиво е флагрантно непочитување и газење на одлуката на Уставниот суд, која јасно вели — не смее да има зголемување на потребниот број на потписи за предлагање независни кандидати. Ние ќе поднесеме амандмани на предложените измени на партиите, во согласност со мислењето на Уставниот суд и Уставот.
Со предложените измени, партиите здружено и ефективно си ја штитат злоупотребата на политичката моќ и вештачки ја одржуваат својата застапеност во законодавниот орган извитоперувајќи ги правилата на политичкиот натпревар во сопствена корист, а на штета на другите политички групи и непартиски кандидати.
Наместо да се борат за доверба, партиите во Македонија се борат против независните кандидати — на терен што го подготвуваат тие самите, со удари кои не се само под појас, туку и од зад грб“, стои во јавната објава.
На неа се потпишани: Независни за Карпош – За заштита на Карпош, Шанса за Центар, Зелен хуман град, Зелените од Гази Баба, Подобро за Тетово, Поинаку, Стига е – Струмица, Стига е Ново Село, Стига е – Босилево.