Годинешното дваесет и четврто издание на „ОФФест“, на кое ќе настапат музичари и состави од осум земји, започнува утре, 5 јуни, и ќе трае до недела – 8 јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар во Скопје. На програмата се девет концерти и специјална филмска проекција.
„Високото реноме на артистите ја прави селекцијата на ОФФест 2025 една од најквалитетните во изминатиот период, а спектарот на стилови, ‘географското потекло’ на уметниците и шареноликите музички правци, несомнено ќе им приредат несекојдневно и незаборавно концертно искуство на посетителите“, истакнуваат организаторите.
„ОФФест“, на една година пред својот дваесет и петти јубилеј, додаваат тие, ужива во репутацијата на еден од најпрепознатливите и најпознати фестивали за музика на светот во Европа, статус кој што се должи на исклучително богатата програма низ годините во која се проткаени небројни жанрови, емоции и доживувања.