По повод Меѓународниот ден на детето – 1 јуни, граѓанската иницијатива Зелен хуман град (ЗХГ) потсетува на, како што велат, суровата реалност со која се соочуваат милионите деца што живеат во кризни зони.
„Дечињата од Палестина го носат товарот на една немилосрдна хуманитарна криза која воедно е и најдокументираниот геноцид до денешен ден! Многу од нив ги изгубија родителите, семејствата, домовите, училиштата – дури и животите! – поради тековните конфликти и блокади. Правото на безбедност, образование и игра – права што секое дете треба да ги ужива – станаа далечни соништа за премногу од нив“, истакнуваат од ЗХГ.
Оттаму наведуваат дека според хуманитарните организации илјадници палестински деца се убиени или повредени, многу од нив се трауматизирани, неухранети и немаат пристап до чиста вода и медицинска нега и цели генерации растат без стабилноста што секое дете ја заслужува. Според Канцеларијата за човекови права на ОН, 70% од илјадниците жртви во Палестина се жени и деца, а УНИЦЕФ ја нарече Газа „детска гробница“.
„Но не се ни само палестинските деца соочени со ужасите на војната! На овој ден, да зборуваме гласно за секое дете од Газа и од Западниот Брег – но и за секое дете од Јемен, Судан, Јужен Судан, Конго, Хаити, Украина и низ целиот свет – за секое дете што расте во страв наместо во слобода! Зборовите на Мартин Лутер Кинг кажани во 1963 година силно одекнуваат до денес: ‘Неправда кон еден од нас е неправда кон сите нас!’ Сите сме нераскинливо поврзани во една иста мрежа на заедништво – сѐ што му влијае на еден од нас директно, ни влијае на сите нас индиректно“, додаваат од граѓанската иницијатива.
Според нив, ниту една војна на светот никогаш не била ниту изолирана ниту случајна. Војните и конфликтите, велат, влечат корени од истиот систем во кој империјализмот ги исцртува границите, ги потпалува ривалствата и инсталира вазалски режими, а капитализмот профитира од продажбата на оружје, повторното градење на уништетните објекти и експлоатацијата на суровини – без оглед на цената што се плаќа во човечки животи.
„Окончувањето на конфликтите на глобално ниво налага не само (привремен) прекин на огнот – туку и елиминирање на системите во кои војните се профитабилни, а мирот неисплатлив. Секое дете заслужува мир. Заслужува заштита. Заслужува иднина. Зборувај гласно. Донирај. Едуцирај. Барај одговорност!“, апелираат од ЗХГ.