И денеска опасно загадување на воздухот во Скопје

И денеска во Скопје се дише на шкрги. Утрово беа  регистрирани високи концентрации на честичките ПМ10, и тоа од 90 до 180 микрограми на метар квадратен, што е благо намалување во споредба со претходните денови.

Скопје се гушиСостојбата е најпроблематична во скопско Лисиче и во Тетово, каде мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат алармантно ниво на загаденост на воздухот.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, сообраќајот, домаќинствата и градежништвото се загадувачите. Тој ги амнестира од одговорност големите индустриски капацитети во Скопје за кои вели дека сега не работат, а за останатите големи капацитети дека ги исполниле еколошки стандарди.

„ Поголемите загадувачи во кои се сомневавме дека го влошуваат квалитетот на амбиентниот воздух, како Макстил, Скопски легури и други капацитети во кругот на Железара, не работат од 28 ноември. Другите големи капацитети во овој регион ги исполнуваат еколошките стандарди. Клиничкиот центар се грее со гас, како и некои други капацитети кои досега користеа мазут сега се греат на гас“, рече  Адеми.

Според Адеми, загадувањето доаѓа и од помалите капацитети, кои се во надлежност на општините и на град Скопје. Конктетни мерки ќе преземат, додава Адеми, ако квалитетот на воздухот не се подобри во текот на 10 последователни дена.

Локалната самоуправа веќе излезе со прв пакет мерки за справување со загадувањето. Со нив им препорача на граѓаните да седат дома, да не проветруваат,  да се возат со автобус, да не се греат на дрва.

Од министерството за здравство пак најавија дека допрва ќе докажуваат кој загадува. Во текот на оваа седмица ќе стигнат два мобилни мерачи што треба да ја покажат на врската меѓу загадувањето и загадувачите.

Од „Зелената партија“ ДОМ побараа поголема соработка меѓу  националните и локалните институции со граѓаните,  да преземат заедничка акција против загадувањето на воздухот. „Зелените“ сметаат дека заедничката акција е неопходна, а изразија сомневање во однос на точноста на резултатите од досегашните мерења на загадувањето. Одговорност од надлежните и преземање мерки побара и опозицијата.