Во скопската кафе-книжарница „Буква“ вечерва, вторник 27 мај, од 20 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Каде леташ, Јулија?“ од Хана Корнети како издание на „Или Или“, а воедно ќе има и настап на бендот „Милко“ (Millko).
Книжевен промотор ќе биде Александар Маџаровски
„Што да се каже за овие раскази, а во исто време соодветно да се претстават и тоа да не делува како преувеличување кое ќе постави превисоки очекувања? Одлепени, фантастични, хумористични, апсурдни и длабоко прецизни! Вака би можела да ги опишам десетте раскази од оваа збирка со наслов ‘Каде леташ, Јулија?’ на Хана Корнети. Со нејзиниот уникатен стил изграден преку колоквијален јазик, полн со хумор и длабинско проникнување, Хана нè става во друштво на неверојатни ликови низ незамисливи ситуации. Уште поневеројатно ни се чини што во ликовите од нејзините раскази како во огледало се гледаме самите или ги препознаваме луѓето околу нас. А во нив и специфичните мани, неодоливо добрите страни и целиот куп апсурдности, за кои обично сме слепи гледајќи со (нашето) голо око. Ова е збирка во која се лета на метла, се паѓа во клопка на октопотка, се добива лоша фризура и добар фризер, се тролаат телепродавања, се дочекуваат најдолгите седум секунди, се губи мачката на својот живот, настануваат грешки и изгреваат нови сонца. Милоста нема да ја добијат оние што не ја заслужуваат, но емпатијата е тука за сите!“, пишува Наташа Атанасова.
Хана Корнети (1992, Скопје) е авторка на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-Или), романот-фантастика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, Или-Или) и коавторка на нефикциската книга „Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners – A Guide“ (2023, Private Print) заедно со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев. Аматерски се занимава со музика и има еден објавен албум, „Голи песни“ (2023, Шарла).
Александар Маџаровски (1978) е магистер по филозофија, поет, преведувач, љубител на книжевноста и македонски јутубер познат како „Читачот“. Тој на својот Јутјуб-канал објавува рецензии на книжевни дела од странски и од македонски автори.
„Милко“ е инди-рок трио од Скопје. Постојат од 2008 година и ќе настапат во формација: Сашо Митревски (гитара, вокал) Стефан Терпини (тапани) Мартин Цветковски (бас гитара).
Досега реализираа пет изданија, три албумски и две ЕР изданија.