Судскиот совет денеска го избра судијата Африм Фидани за нов претседател на Врховниот суд со осум гласа „за“ и пет „против“. На истата седница, Советот избра и нови судии за Апелациониот суд Скопје – Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Силјановска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани, додека претходно во кривичниот оддел на Апелациониот суд беа избрани судиите Марија Клетничка Марковска, Оља Ристова, Иван Џолев (претседател на Основниот кривичен суд Скопје) и Бетим Јахја.
Судијката Беса Адеми, која ја вршеше функцијата претседател на Врховниот суд до февруари годинава, доби два гласа „за“ и единаесет „против“. Како што пишуваат медиумите, членовите на Судскиот совет при изборот дискутираа дека поранешната претседателка затаила во својата работа и придонела дополнително да се намали довербата на граѓаните во судството и во Советот со однесувањето и недоаѓањето на седниците на Советот.
Додека, за новоизбраниот претседател рекоа дека не сметаат дека е истакнат судија, но ги добил гласовите поради својот конкретен акциски план за подобрување на состојбите во судството, со точно утврдени временски рамки. Африм Фидани од 2017 година е судија на Врховниот суд.
Исто така, Судскиот совет го избра и судијата Хаџо Тариќ за претседател на Основниот суд Крушево со десет гласа „за“, ги усвои записниците од 519. и 520. седница, донесе одлуки за назначување и разрешување на судии-поротници и за формирање комисии за избор на претседатели на судови.