Македонскиот народен театар ја најави програмата за летната сцена „Славиша Кајевски“ за 2025, оваа година под слоганот „Млади за млади“. Фестивалот ќе биде насочен кон концертни настани на македонски изведувачи и ќе има хуманитарен карактер. На 12 јуни, со настап на скопскиот бенд „Funkshui“ и артистката Speysd, ќе се отвори второто издание на летната сцена и ќе трае до 21 јуни.
„Со овој проект, младите стануваат двигатели на солидарноста: сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за Support Кочани, односно за понатамошното лекување и рехабилитација на повредените во трагедијата во Кочани“, истакнуваат од МНТ.
Билетите за фестивалот ќе бидат 300 денари од ден, а ќе настапуваат по неколку изведувачи со почеток од 20:30 часот.
Втората вечер, на 13 јуни, ќе свират бендовите „Карла Левински“ и „Fiction“, додека во сабота – 14 јуни, ќе настапи хип-хоп групата „КЕМ“, дуото „Poetronika“ и вечерта ќе ја затвори Марко Иван Кочишки со диџеј сет.
Вториот викенд од фестивалот ќе го отвори Мартин Џорлев, кој ќе се претстави со својот нов проект „Животни“, а по него ќе настапи Елена Васова. На 20 јуни, петок, ќе засвират „Милко“ кои на почетокот на месецов извадија нова песна „Страв“, а по нив и панк-рок составот „Новиот почеток / Тhe Beginnings“.
Фестивалот ќе го затворат составите „Корпорација вагина“ и „Светлост“ на 21 јуни.
„Летната сцена оваа година претставува одлична можност да им се даде шанса на млади музичари да се претстават пред јавноста и да го добијат вниманието кое го заслужуваат“, велат организаторите.
Оваа година, шестдневната програма на летната сцена е во рамките на одбележувањето „80 години Македонски народен театар“, а во соработка со радиото „Стереолаб“ и со поддршката од Телеком. Летната сцена „Славиша Кајевски“ за првпат беше отворена минатата година.