Центристичкиот градоначалник на Букурешт во Романија, Никушор Дан, го победи крајнодесничарскиот, националистички противник на претседателските избори во недела, кој се обиде да ја води Романија инспириран од политиките на американскиот претседател Трамп, пренесува Ал Џазира Балканс.
Официјалните резултати од речиси сите избирачки места покажаа дека Дан освоил околу 54 проценти од гласовите во земјата членка на ЕУ и НАТО со население од околу 19 милиони, додека поддржувачот на Трамп, Џорџ Симион, освоил 46 проценти.
Дан, 55 години, математичар со тивок глас, во последен момент „се стрча“ кон врвот, односно во последните денови, откако со недели заостануваше зад Симеон во анкетите. Симеон, како што пишуваат светските медиуми, е евроскептик кој сака да ја прекине воената помош за Украина во војната со Русија. Изборите привлекоа најголема излезност на гласачите на романски избори во последните 25 години.
Симион, кој беше најуспешен во првиот круг од изборите пред две недели со 41 процент од гласовите, го призна поразот откако претходно изјави дека ги добил изборите.
Дан водеше кампања со ветувања за борба против широко распространетата корупција, одржување на поддршката за Украина, каде што Романија играше важна логистичка улога и цврсто одржување на земјата во рамките на европскиот тек.
Вчеравечер во главниот град Букурешт, поддржувачите на Дан скандираа „Русија, не заборавај, Романија не е твоја“. Дан, кој е цврсто за ЕУ и НАТО, во пресрет на изборите рече дека поддршката на Романија за Украина е клучна за нејзината сопствена безбедност од растечката руска закана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му честиташе на Дан за неговата „историска победа“, пишувајќи на социјалните мрежи: „За Украина – како сосед и пријател – важно е Романија да биде сигурен партнер“.