„Поезијата има смисла само кога се живее“
Во склоп на серијалот „Нова пролет“, со кој „Канал 103“ одбележува 34 години постоење, вечерва (сабота, 17 мај) во 21 часот во „Ла Кања“ ќе се одржи концерт на Софиа Џебел Роуз од Франција.
„Саботна вечер исполнета со езотеричен сјај и темна убавина. Во рамки на нејзината обемна европска турнеја, Софиа Џебел Роуз ќе ја донесе својата магична, интимна и бунтовна музика во Скопје“, соопштуваат од „Канал 103“.
Од таму посочуваат дека нејзиниот звук ги сублимира традициите на француската шансона и мрачната фолк атмосферичност преку авангардна слобода на израз – тоа се песни што ја евоцираат моќта на шумите, водите, годишните времиња, смртта, љубовта и бунтот.
„Со новиот албум ‘Sécheresse’, Софиа Џебел Роуз нè води на музичко патување кое е воздушесто и длабоко, кревко и сурово. Нејзиното творештво е плод на живот во постојано движење – отфрлање на удобноста како потрага по поетска вистина“, се вели во најавата.
Од „Канал 103“ посочуваат дека низ нејзината музика одекнуваат духот и силата на икони како Кетрин Рибеиро, Бафи Сеинт Мари, ПиЏеј Харви, Нико, Ема Рут Рандл, Мариса Надлер – жени кои секогаш ги рушеле границите меѓу жанровите.
„Упатените музички хроничари ја паметат и по работата во дуото ‘An Eagle in your Mind’, со кое во 2018 година настапи во скопскиот планетариум како и во глувата соба на ‘Канал 103’“, стои во најавата.
Дизајн на плакатот е на Тања Вукобрат.