„Пагода“ ја претстави книгата „Dystokyo“ преку мултимедијална и мултијазична промоција во „Base24“

Во креативниот простор „Base24“ во Скопје на 9 мај се одржа промоцијата на книгата „Dystokyo“ во организација на здружението „Пагода“ – четиричасовен вечерен настан што на уникатен начин ги спои уметноста, технологијата и поезијата во едно мултијазично и мултимедијално доживување.

„Атмосферата на настанот беше полна со позитивна енергија и весели реакции, а бројните позитивни коментари и споредби со настани од светски калибар само го потврдија неговиот успешен импакт“, соопштуваат од „Пагода“.

Од таму посочуваат дека книгата „Dystokyo“, објавена во Токио во декември 2024 година, оригинално напишана на англиски јазик, ги содржи делата на македонските автори Симон Калајџиев и Зориа Петкоска Калајџиева, кои веќе десет години живеат и творат во јапонската метропола.

„Скопската промоција на ‘Dystokyo’ се случи преку изложба и инсталации на ‘glitch art’ и ‘cyberpunk’ поетска програма. Glitch делата на Калајџиев, како и визуелна поезија со интервенции на ЦДа, флопи дискови и слично, заеднички дела сo Зориа, беа претставени во три форми: како физички печатени изданија, како анимирани проекции на платна, и на екрани од стари компјутери – дел од инсталација создадена со поддршка на иницијативата ‘Донирај Компјутер’, кои љубезно ги позајмија уредите и придонесоа за пластично претставување на технолошка историја и создавање на атмосфера на дигитална дистопија“, посочуваат од „Пагода“.

Поетската програма, како што велат од таму, се одвивала на несекојдневен и неформален начин — во џакузито на „Base24“ — под „glitch“ проекција, каде се одржа панел-дискусијата „Chatroom“ водена проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и самите автори Петкоска Калајџиева и Калајџиев. Потоа следеше поетското читање „Wordbath“ на пет јазици: јапонски, корејски, кинески, англиски и македонски.

„За музиката беше задолжен Марко Николов – член на ‘Пагода’ – кој со својот внимателен музички избор ја подигна атмосферата и го исполни амбиентот. Настанот доби дополнителна доза мистерија и забава благодарение на специјалното изненадување: Cyber Гатач со Љупчо Нечовски, кој интерактивно комуницираше со публиката и придонесе за креирање ‘cyberpunk’ амбиент од поп-културата како филмови и видео игри“, се вели во соопштението.

Освежување за посетителите било обезбедено со специјално подготвени коктели инспирирани од „cyberpunk“ културата.

„’Dystokyo’ не само што претставуваше дебитантска промоција на книга во организација на ‘Пагода’, туку и постави нов стандард за тоа како современиот културен израз може да изгледа – инклузивен, технолошки, поетски, креативен и исклучително жив. Книгата ќе биде достапна во макеоднските кафе-книжарници ‘Буква’ и ‘Шума’, а ќе може да се набави и преку организацијата ‘Пагода’“, велат оттаму.

Инаку, преводи подготвија Џордан А. Ј. Смит, професор на Универзитетот во Калифорнија (јапонски), Спас Рангелов, професор на Универзитетот Ханкук, Сеул, Јужна Кореја (корејски) Софија Јуан Ма, хонорарен преведувач (кинески) и Зориа Петкоска К. (македоски).

Поезија читаа Чие Нагашима (јапонски), Стефанија Зафировска (корејски), Сузана Недевска (кинески), Џулија Масети (англиски), Зориа Петкоска К. (англиски и македонски), Ана Голеjшка (македонски) и Александра Спасеска (македонски).

 

Фото: „Пагода“