Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на 5. издание на „Striped Tale Animation Festival 2025“, што ќе се одржи од 16 до 18 мај во Тбилиси, Грузија.
„Вселенска зоолошка градина. Балкански хумор. Хаос на интергалактичко ниво. Јон Вардар против Галаксијата нè носи во една апсурдна мисија за спас на универзумот. Чудовишта, сатира и емоции се судираат во оваа забавна вселенска опера за сите возрасти. Научно-фантастична пародија со срце, вонземјани и автентичен балкански дух“, вели фестивалскиот тим за филмот на Цветановски.
Инаку, „Јон Вардар против Галаксијата“ досега имаше селекции на преку десет фестивали, од кои пет се во А и Б листите на најдобри филмски фестивали во светот. Поддржан е од Агенцијата за филм.