Изложба на дела на Менче Спировска утре во КИЦ во Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб во рамките на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметности и занаети – Загреб, утре (13 мај) ќе биде отворена изложбата ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ на македонската графичарка Менче Спировска. На изложбата ќе бидат претставени речиси непознати дела за хрватската јавност создадени во 1950-тите години во Загреб.

Изложбата за првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Менче Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб, кој што се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети. Централно место на изложбата е нејзиното до сега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн, „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое сега за првпат ќе биде изложено во целост, создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб, којашто оставила значаен траг во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.

„Изложбата го прикажува и придонесот на македонските студенти на загрепската уметничка сцена во 1950-тите, а Менче Спировска зазема посебно место како посредник на културните и естетските вредности на двете земји“, стои во соопштението.

Директорката на македонскиот Културно-информативен во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ги потврди заложбите на директорот на Музејот за уметности и занаети, Сањин Михелиќ дека со оваа изложба се промовираат вредностите на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, кој потенцираше дека во годината кога ја одбележуваат 145-годишнината од постоењето на Музејот ќе следи уште една исклучителна изложба на фотографии од студиото на семејството Арсовски во соработка со македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот на Град Скопје.