Студентите во блокада бараат предвремени парламентарни избори

Студентите кои се во блокада во Белград објавија дека бараат предвремени парламентарни избори, пренесува Н1.

„Бараме итно распуштање на Народното собрание и распишување предвремени парламентарни избори во согласност со член 109 од Уставот на Република Србија“, објавија студентите во блокадата на социјалната мрежа X.

Тие веруваат дека демократијата е единствениот правилен излез од кризата.

„Го повикуваме народот да ја поддржи листата на која студентите во блокада на сите високообразовни институции на територијата на Србија ќе ја префрлат својата доверба, за да победи вистината на вагата на правдата“, се наведува во соопштението.

Тие, исто така, посочија дека корените на корупцијата во владата навлегле премногу длабоко во државните институции, на кои им е оневозможено самостојно да ги извршуваат своите должности.

Инаку, протести и понатаму се одржуваат секојдневно ширум Србија. Студентите ултрамаратонци што трчаат до Брисел тргнуваат од Улм на пат кон Штутгарт. Ученици и средношколци како дел од акцијата „Марш на Дрина“ пешачат до Лозница, каде што во петок се одржува протест. Белградските студенти вчера излегоа на прошетка, а денес и студенти од Нови Сад започнуваат протестна прошетка. Притисоците за нормализирање на наставата на факултетите се зголемуваат. Деканот на Медицинскиот факултет во Ниш се закани дека блокадата мора да биде прекината до вчера. Студентите му одговорија со протест во една од клиниките.