[Интервју] Сашко Коцев: Знаев дека јас ќе ја добијам улогата

[Интервју] Сашко Коцев: Знаев дека јас ќе ја добијам улогата во филмотРомантична, по малку мистериозна приказна за една девојка од Русија која доаѓа во Охрид за да се самоубие и локалниот Казанова со кого ќе се сретне во земјава – вака почнува да се развива дејството во филмот  „Само за губитници“, последното остварување на режисерот Иво Трајков.

Филмот својата премиера ја имаше на фестивалот Cinedays, а по неа екипата на емисијата „Незадолжителна лектира“ на Радио МОФ разговараше со aктерот Сашко Коцев, кој ја игра една од главните улоги во филмот – локалниот Казанова.

Какво беше искуството од снимањето на овој филм?

Па вака, не само што е мое прво искуство со Иво Трајков туку и воопшто прва средба во живо со Иво Трајков. И видов што значи кога режисерот ги има актерите буквално во дланка и може така да ги наштима, како виолина, и точно да свират како што тој замислил. Можам да кажам дека многу добро соработувавме и од прва се разбравме и беше еден одличен професор.

Како се случи да ја добиете една од главните улоги во филмот? 

Имаше отворен кастинг во МКЦ, во Фросина,  за актери на возраст од 28-30 години. И што знам, ова ми се има случено уште еднаш, со Столе Попов кога тргнав на кастинг го имав текстот и  знаев дека јас ќе ја добијам улогата, како тоа, кој е тој x-фактор јас  не знам. Но ете, кога ќе почуствуваш дека сигурно ја добиваш, тоа е. Инаку Иво Трајков е интересен случај на режисер кој не се појавува на кастинг затоа што вели дека можеш да го излажеш приватно, тој сака да види чиста снимка, чиста фоторграфија, да не те види вака, во живо.

Дали беше лесно снимањето со актерка којашто не знае македонски јазик?

Имаше на припремите,  коишто беа исто така кратки, некои мали недоразбирања поради јазичната бариера, но се надмина тоа. Потоа и не бевме свесни дека има странец во екипата.

Кои беа очекувањата за премиерата и дали тие се исполнија?

Не можам јас тоа да го кажам, јас никогаш не гледам филм на премиера посебно кога јас глумам, гледам мои грешки, туѓи грешки, добри работи што сум пропуштил, како ова се монтирало, затоа што јас имам една слика за сценариото,  а овде добивам друга слика затоа што прв пат го гледам. Така што, да го прегледам уште 5-6 пати па ќе можам да ви кажам.

Александра Филипова и Софија Павловска