[Есеј] Традицијата мора да биде предадена

[Есеј] Традицијата мора да биде предаденаЗборот традиција извира од латинскиот „tradere“ кој значи „да предадеш“ и „ти си Избраниот што ќе го предаде својот народ“. Родени сме да предаваме – е, па, што!  Прво ги предаваме најблиските, а потоа и целото општество – оти тоа е еден нормален процес на јунговска индивидуација. Така думал Јунг, а години потоа и Мелани Реин, светска психоаналитичарка која го кажа токму ова пред еден полн амфитеатар во МАНУ, во мај, годинава. На нејзиното исклучително предавање „Согледби за индивидуацијата“ се говореше за мотивите на предавството низ митологијата. Дали Јуда го предал Исус по своја сопствена волја? – беше само едно од бројните прашањата на кои се обиде да одговори Реин, која пак, без каква било дилема смета дека – традиција доаѓа од „traderе“ (вака вели дури и Википедија).

Да, традицијата е нешто што ќе мора да биде предадено!  Во еден миг, Избраниот слушајќи ја песната „Учи ме мајко карај ме“ од татка си, ќе реши да ја отсвири на електричен Гибсон. Или, и воопшто да не ја пресвири, да ја одмине! Пресвируваат само кич уметниците! Младиот македонски уметник се плаши од својата историја како од сениште и се што тој прави е пресвирување на македонштината од 19-тиот век. Македонецот се уште смета дека македонизмот е нужен историцизам. Ах, само кога би знаеле дека културата е нешто што никогаш не се повторува! Зошто? Оти и самата природа никогаш стоотстотно не се повторува себеси. Секој близнак е различен. Традицијата, тоа  е цвеќето кое расте, но тоа може да живее само преку промени, преку предавства, преку инвенции!

Кон техницизмот, кон новите светови, по мене збунети Македонци! А за македонството не грижете се дека ќе го изневерите, та ионака тоа секогаш ќе ве следи како верна сенка!

Кој ќе има храброст за миг да ја напушти традицијата, само тој ќе создаде нова! Така создаваа модернистот Рацин, така создаваше и бунтовниот Славко Јаневски кого го лустрираа постхумно, како и сите „комунистички“ уметници! Избрани ќе бидат само оние кои ќе знаат да направат дијалог меѓу старото и новото, а тоа денешните уметници не се. Денешните „вмровци“ сметаат дека традицијата се зачувува само ако се копира, ако се повторува како папагал! За нив Македонија е патолошки музејски експонат. Мртов! Тие се плашат од новото, затоа што им го расипува бизнисот.

А тој што не се плаши да ја напушти традицијата, само него традицијата верно ќе го следи! Што, ќе кажете дека „Ленка“ на Рацин не е во согласност со традиционалната поезија само затоа што е одлика на актуелниот миг? Па, и не е! А, што направивме ние да го опишеме  мигот во кој се наоѓаме? Зборот „сегашен контекст“ се уште ни е непознат. Но, јас одам и понатаму! Ајде да го отфрлиме целосно историскиот контекст создавајќи нови вредности. Тоа е чудо кое никој досега не се осмелил да го направи. Ајде, евтиниот „историцитет“ кој ни се сервира  да го замениме со сликата на една атавистичка денешница – зарем таа не ви е доволно македонска?

Но, што зборувам? Зарем не е земјава полна со предавници? Предавници има многу. Но, не се сите избрани за да предадат. Има два типа:

Првите грешат. Тие тргнуваат од историјата за да стигнат во сегашноста и малку да чепнат во современоста. Но, како ќе стигнеме до сегашноста ако вечно лелекаме за минатото? Македонски уметници, нашето „романтичарско“ време помина, затоа што Македонија веќе 22 години е самостојна земја! Ах, кога би знаеле дека и самиот Аце се сметал себеси за жител на светот.  И кој од вас се осмелил да го освојува светот со својата македонска уметност? И кога сакавме да бидеме отворени, ние бевме затворени! И кога сакавме да бидеме трудољубиви ние бевме само желни за слава во наше село Македонија!

Другите „предавници“- тоа се ретките Избрани –  тие тргнуваат прво од сегашноста и не се плашат да бидат современи, а потоа, ако воопшто е потребно, сегашноста ја споредуваат и интерпретираат со минатото. Но, најчесто, тие гледаат во иднината! Рацин беше еден таков прекрасен „предавник“.  Тогаш, има ли некој од вас уметници, да биде Избраниот кој ќе посака да ги надмине своите претци? Или само од инает сме „патриоти“, од инает уметникуваме?

 

Костадин Героски

Авторот е дипломиран архитект

Легенда за илустрација: Постер на Марија Тодосовска, учесничка во проектот

Програмата „Млади промотори на слобода на изразување“ ги поттикнува младите луѓе преку есеи, мултимедијални продукти и кампањи што сами ги осмислуваат да бидат активни граѓани кои се борат за слободата на изразување, а против говорот на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето. Авторите на есеите, мултимедијалните продукти и на кампањите се средношколци и студенти кои штотуку стапнуваат на јавната општествена сцена и бараат слободен простор за себе и за своите ставови. Повеќе информации за активностите во проектот може да добиете на http://www.mof.mk/izrazise/

Проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), го реализираат НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум. Содржината на текстовите е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија.