МОФ репортажа: Осоговските планини чуваат многу тајни

Овде се крие најстариот даб во Европа, највкусните боровинки, најскромните луѓе. Осоговските планини во своите пазуви чуваат многу тајни, ендемични видови, па дури и скриено богатство.

МОФ репортажа: Осоговските планини чуваат многу тајни

Руен со 2.251 метри надморска височина е највисокиот врв, Султан тепе, пак, е еден од најинтересните за македонските еколози.

МОФ репортажа: Осоговските планини чуваат многу тајниТука  се уште стои разрушената  воена караула, а целиот регион е познат по ендемските видови растенија и можеби највкусните боровинки на светот, од чија продажба живее локалното население. Реките, густата букова и дабова шума само го заокружуваат чувството на мир и спокој кај посетителите.

Еден од попознатите локалитети е Раткова Скала – тука се гнездеше црниот мршојадец кој сега е исчезнат од Македонија. Од еколошките друштва посочуваат дека постои уште еден пар од египетскиот мршојадец и сите напори сега се свртени кон негова заштита. Но Раткова скала локалните жители ја препознаваат и по легендата – се уште се трага по големото богатство за кое се верува дека е закопано во античко време.

ОсоговоНа само 20 километри северно од Кочани, се наоѓа осоговскиот бисер „ Пониква “, важно место за развојот на туризмот. Сега овде има два ски – лифта, автокамп, терени за спорт и рекреација. Поволната клима, природните убавини, еколошки чистиот амбиент се вистинска мамка за посетителите. Така, велосипедскиот клуб „Зелени патеки“, секоја сабота со своите членови и авантуристите од земјава заедно возат по шумските патеки. Апелираат младите да се вклучат во нивните акции.

Непосредно до Пониква се наоѓа и резерватот за дивеч. Во 1981 започнале првите активности за заградување на просторот, две години подоцна биле донесени животните. Истата година, профункционирало и комерцијалното ловиште – резерват Полаки со лопатари, муфлони, срни, диви свињи, како и сместување. За да се добие услов за влез во ловиштето, ловците потребно е да си закажат термин кој што го одобрува управителот.

Осогово„Паушалот е 80 евра, во зависност од тоа што сака да лови ловецот според селективниот процес на ловење. Ловниот резерват располага со 200 благородни елени, 300 лопатари, над 100 диви свињи, како и со богата флора и фауна. Благородниот елен е најатрактивен за ловците, додека за лов на лопатарите ловците се помалку заинтересирани“,  раскажува Владимир Чакарев, управител на ловниот резерват Полаки додека се обидува да ни продаде карта.

Но, ние продолжуваме понатаму, кон селото Бели кое за локалното население е симбол на истрајноста, додека за туристите е вистинска атракција. Манастирот Св. Илија кој се наоѓа на ритчето од селото, во непосредна близина на Кочани, е најпосетен на 2 август. Овде, на врвот од ритчето на селото вирее и едно од најстарите дабови дрвја во овој дел од Европа. Дрвото има обем од околу 10 метри, а распонот на гранките е близу стотина метри и  наликува на дланка со раширени прсти кога ќе се погледне од далечина.

МОФ репортажа: Осоговските планини чуваат многу тајниДабот е сведок и на егзекуцијата на десет жители од селото кои биле убиени во 1912 година од турската војска, затоа што го дигнале својот глас против турската империја. Оттука , на самиот влез од манастирот Св. Илија стои спомен – плоча како сеќавање на тој настан.

МОФ репортажа: Осоговските планини чуваат многу тајниОсоговските планини го кријат и „Genista fukariana“ ендемичното растеније кое што го има исклучиво на врвот Султан Тепе. Ги кријат и царскиот орел, планинскиот сокол, црниот штрк, големиот црвен клукајдрвец,  кои се дел од светските листи за заштитени видови. „Molops piceus osogoveci“, е инсект – тркач за кој што нема македонско име, но се знае дека го има само во Осогово.

Еколошките здруженија бараат заштита на Осогово. Велат, тоа е единствениот начин да се спаси планината за идните генерации.

Сунаи Сабриоски