[Колумна] Потребен е шок!

[Колумна] Потребен е шок!Првичната идеја на текстов беше да ги дискутира студентските домови во земјата во која студирам, наспроти ситуацијата со оние кои се наоѓаат во Македонија. Немајќи конструктивна идеја и конкретна проблематика која сакав да ја изложам овде, решив текстот да објаснува нешто друго, малку посуштинско и подиректно.

Ако почнам да зборувам за студентските зборови, можам да зборувам за неколку работи. Можам да ви опишам за тоа дека овде, во Холандија нема глувци по домовите. Можам да ви кажам дека овде нема досадни тетки и лоши чичковци кои ви бараат доста пари за мизерни услови. Можам да ви кажам и дека постојано имавме топла вода, а и греењето беше навистина добро. Можам и да ви пишувам како тука се чувствувам пријатно, а дома е гнасно, и низа други компарации…

Ама не сакам. Не треба да ви е гајле за тоа што овде се случува, треба да се фокусирате на тоа што го имате пред себе и истото да го поправите. Проблематиката која ја зачнав со последното резонирање, ме донесе до тема што е блиска до студентските домови. Но всушност, тие не се ни битни. Тие се само последиците од мнозина други активности, кои не довеле до степенот истиот студентски кревет кој мојата мајка го опишувала како распаднат во своите студентски години, да се појавува на некоја телевизија, во репортажа за студентските домови во драгата ни Република Македонија.

Зошто е тоа така?

Не знам. Односно, не знам точно. Немам кон кој да насочам прст. Можам и кон себе, можам и кон тој што моментално чита, можам и кон владата, и кон претходната, можам да идам до времето на Тито, бидејќи најверојатно од таму и датира целиот инвентар во студентските домови. Можам кон сите да насочам прст за виновник. Ама тогаш ништо не сум постигнала. Се надевам дека сите го научивме тоа досега.

Во изминатата година на неколку наврати ги обработував делата на Адам Смит. Верувам дека повеќето од читателите со сретнале со овој извадок: It is not from the benevolence of the butcher, the brewer, or the baker, that we expect our dinner, but from their regard to their own interest. We address ourselves, not to their humanity but to their self-love, and never talk to them of our own necessities but of their advantages. Што вели извадокот? На кратко: вели дека секој си гледа за себеси, за своето и за она што што е негова должност. Задржете ја мислава во глава. Ќе се најде и подоле во текстот.

Знаете дека сме социјални животни, нели? Тоа значи дека сакаме да зборуваме. Сакаме да се грижиме за некој, сакаме емоции, сакаме да не сакаат, да не штитат, да штитиме, да си обезбедиме група на луѓе кои непрестано ќе не сакаат, кои ќе ни го лајкаат секој линк постиран на социјалните мрежи, ќе ни доаѓаат на секој оддржан настан, ќе не испраќаат при секое патување и ќе ни праќаат порака за добро утро секое сабајле. И сето тоа за да се почуствуваме дека не сме сами. Веројатно ве потсетив на неколку моменти од секојдневието. Но и ви ја посочив тешко излечливата зависност од социјалната заштитa, peer appreciation. Не ме сфаќајте погрешно, не пробувам да го претставам овој феномен во лошо светло. Истиот несомнено има група позитивни ефекти. Но, ние сме една група луѓе која стана зависна од ова. До толку зависна, да веќе ја губиме мотивацијата да реагираме на нештата сами, да си обезбедиме нешто за нас самите.

Ако почнам да ја обработувам таа тема, не можам, а да не споменам неколку наши традиции. Се сеќавате кога мајките Ве будеа во прво одделение за да не доцните во училиште? А знаете дека кај повеќето истиот процес продолжил и кога почнале прва година на факултет? Можеби мислите дека ова е банален пример. Но од „убав на мајка, остај го да поспие” ништо не правиме. Ниту од тоа дека тато ќе ни среди за поправен со пријателот професор, ниту дека чичо ќе не прими кај него во фирма, ниту дека тетка ни професорка ќе ни ги напише сите есеи. Имаме развиено култура каде што се потпираме едни на други, една заводливо испреплетена мрежа каде што секој се потпира на друг,  секој му должи некому, очекува нешто од трет.

Во ваква средина, идејата што Адам Смит ни ја претставуваше изгледа сосема нелогична, земајќи го фактот дека условите не и дозволуваат реализација. Ако знам дека мајка ми ќе ме буди секое сабајле, што ќе ми е да трошам грижи на местење аларми. Или на тоа дека треба да се потрудам во школо за подобри оценки, ако знам дека секако некој ќе дојде да ми ги поправи. Проблемот настанува кога луѓето од кои зависиме, ќе престанат да ја добиваат поддршката од оние од кои тие зависат, бидејќи како што кажав ова е една добро испреплеткана мрежа. Во таа ситуација ние имаме шок, нашиот завидно спремен систем на потпирање има дупки и ти почнуваш да касниш на работа, нема веќе леб на време во пекарата, немаш за јадење, а не знаеш ниту да си зготвиш, немаш работа, ниту пак вредност да понудиш за да добиеш.

Како денешните студентски домови  се жртви на ова? Па најверојатно бидејќи управниците се надевале на некоја помош, можеби студентите не се  грижеле за генерациите после нив, па само уривале. Можеби и на управителите им било здодеано да го гледаат нередот, па сето тоа преминало во ароганција и општа запуштеност. Бидејки се надеваме дека помошта некогаш ќе дојде , од некого.

За крај, ве оставам со музичко просветлување. Имајте пријатен викенд!

Елена Мицајкова, МОФ дојаспора