Министерот Спиро Ристовски не поддржува сексуално образование

Министерот за образование на наука, Спиро Ристовски денеска во Охрид ја отфрли иницијативата на граѓанската организација „ХЕРА“ за воведување посебен предмет сексуално образование во образовниот систем на Македонија, како и предлогот за употреба на нивниот прирачник како средство за едукација на младата популација.

Министерот Спиро Ристовски не поддржува сексуално образование

„Денеска бевме информирани за иницијативата, за воведување посебен предмет и посебен учебник за сексуално образование, но не било кој учебник или од било кои автори, туку нивниот кој тие го изработиле како сопствен проект. Ниту една иницијатива нема да не примора да прифатиме било каков учебник да биде употребуван во рамки на образовниот систем на Република Македонија“, истакна Ристовски.

Тој појасни дека понудениот прирачник веќе има добиено негативно мислење на Бирото за развој на образованието, што за Министерството за образование е доволен показател дека не ги исполнува доволно условите истиот да биде употребуван во образовниот систем.

„Во рамки на образовниот систем на РМ, во рамки на предметот за животни вештини, со поддршка на УНИЦЕФ, е изработен посебен прирачник врз основа на кој се информираат учениците за повеќе животни вештини, очекувања и состојби во текот на нивниот раст и развој, меѓу кои има и дел посветен на сексуалното обраозование. Според нас и според УНИЦЕФ, тоа е сосема доволно за соодветно сексуално образование на младата популација“, смета Ристовски.

Министерот за образование рече дека ниту една иницијатива или “желба за добивање определени фондови или средства, нема да ги мотивира или да ги примора да прифатат било чија инцијатива, особено не учебници или прирачници во кои се поистоветуваат односите меѓу мажот и жената со истополовите релации“. „Уште повеќе што во посочениот прирачник на ХЕРА има куп експлицитни термини, тотално несоодветни на возраста на учениците“, смета тој.

„Тоа за нас е апсолутно неприфатливо во тој дел како Влада имаме дефинирано јасна позиција. Сметаме дека во делот животни вештини сосема доволно е опфатена едукацијата на младите по однос сексуалната ориентација“, рече министерот за образование, Спиро Ристовски.

ХЕРА денеска ги повика граѓаните да се потпишат на петицијата со која од Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски се бара воведување на предмет сексуално образование. Според организацијата, сеопфатното сексуално образование е препорачана мерка за подобрување на здравјето на младите, на мајките и на целото население во три национални здравствени стратегии усвоени од Владата.