ОН: Кина врши тортура и сексуално насилство врз Ујгурите во Ксинџијанг

Во нов извештај за човековите права на Обединетите Нации Кина се обвинува за сериозно прекршување на човековите права во западниот регион Ксинџијанг, каде мета се домородните Ујгури и други претежно муслимански етнички групи.

Извештајот беше објавен доцна синоќа веднаш откако на стапи на функција новата Висока комесарка за човекови права на ОН, Мишел Бачелет.

Таа во документот повикува меѓународната заедница итно да реагира на наводите за тортура и сексуално насилство во Ксинџијанг, за кои организацијата сметаат дека се веродостојни.

„Обвинувањата за постојана тортура и злоупотреби, меѓу што и принудни медицински процедури и лошите услови во принудните кампови се веродостојни, исто како и поединечните обвинувања за сексуално и родово базирано насилство“, вели Бачелет.

ОН истовремено наведува дека во оваа кинеска провинција веројатно се извршени и злосторства против човештвото.

„Големината на арбитрарните и дискриминаторските приведувања на Ујгурите и други предоминантно муслимански групи може да се смета за меѓународно злосторство, конкретно злосторство против човештвото“, стои во извештајот.

Извештајот доби мешани реакции. Пекинг остро ги отфрли сите обвинувања против Кина, додека невладините организации, меѓу кои Хјуман Рајтс Воч и Амнести Интернешнал соопштија дека наводите во извештајот треба да биде почетна точка за идни меѓународни истраги.

„Овој извештај ги открива масовните кршења на основните права во Кина. Советот за човекови права на ОН треба да го искористи овој извештај и да покрене целосна истрага за злосторствата против човештвото од страна на кинеската влада“, изјави Софи Ричардсон, директорка на Хјуман Рајтс Воч за Кина.

Последниве пет години, кампањата за масовни приведувања во Ксинџијанг на кинеската влада опфатила околу милион Ујгури и други етнички групи во мрежа на затвори и кампови кои Пекинг ги нарекува „тренинг центри“, но поранешни затвореници ги опишуваат како брутални места на заробеништво.

Оттогаш кинеските власти имаат затворено голем број од овие кампови, но стотици илјади луѓе и понатаму се во затвор под мистериозни и тајни обвинувања.

Претходни истраги, кои се служеле со официјални документи, сведоштва и протечени снимки, ги обвинија властите во Кина за „приведување на најмалку милион луѓе“, најголем дел од нив Ујгури, и спроведување стерилизиации и принудна работа.

Дел од светските држави, меѓу кои и САД, Франција, Велика Британија, Холандија и Канада ја обвинија Кина за извршување геноцид во Ксинџијанг. Кина постојано ги отфрла ваквите наводи, објаснувајќи дека камповите се „тренинг центри“ чија цел е да се оттргнат луѓето од религиозен екстремизам.