Во која фиока се крие фамозниот Предлог-закон за млади?

Дали новиот Предлог-закон за млади е веќе напишан и дали се чека погоден момент да биде внесен во собраниска процедура? Ако е така, во која фиока се крие текстот на законот и кои се законските решенија кои се предлагаат? Зошто и после две години од најавата за консултација со младинските организации сè уште нема таков процес? Дали повторно ќе бидеме сведоци на обид за донесување закон за млади без учество на младите во подготовка на решенијата?, прашува Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Владата го повлекува Предлог-законот за млади од собраниска процедура, со цел да се направат пошироки консултации со младинските организации.“ Вака гласеше статусот со веста објавена на фејсбук страницата на Влада на Република Македонија, во октомври 2011 година, со што 45-те младински и граѓански организации кои реагираа на стравичните законски решенија успеаја да спречат обид за озаконување дополнителна контрола врз младинското организирање во Македонија.

Од тогаш поминаа речиси две години, а најавената консултација меѓу предлагачот на фамозниот Предлог-закон за млади (Владата преку Агенцијата за млади и спорт и Министерството за правда) и младинските организации никогаш не се случи. Две години никој во јавност не соопштува кој е планот на одговорните институции во врска со унапредувањето на младинското организирање и кога може да се очекува најавената консултација со младинските организации, со цел да се креира законско решение во делот на младинските политики, креирано според потребите, наодите и анализите на младите и младинските организации.

Сепак, Агенцијата за млади и спорт во неколку наврати најави дека не се откажува од иницијативата да „истурка“ закон за млади и дека работи на текстот на законот. И токму овие најави отвораат повеќе прашања, кои младинските организации си ги поставуваат подолго време. Дали новиот Предлог-закон за млади е веќе напишан и дали се чека погоден момент да биде внесен во собраниска процедура? Ако е така, во која фиока се крие текстот на законот и кои се законските решенија кои се предлагаат? Зошто и после две години од најавата за консултација со младинските организации сè уште нема таков процес? Дали повторно ќе бидеме сведоци на обид за донесување закон за млади без учество на младите во подготовка на решенијата?

Во меѓувреме, во изминативе две години, од повлекувањето на стариот предлог-закон до денес, бевме сведоци на неколку темелни процеси изворно креирани од младинските организации и реализирани исклучиво од нивна страна, со поддршка од Европскиот младински форум, неколку странски реномирани фондации и во последно време со поддршка од Секретаријатот за европски прашања. 60-те организации кои реагираа на недемократското законско решение се здружија во неформална коалиција Република Млади која организираше караван јавни дебати низ целата држава и со тоа отвори дискусија за потребата од основање национална младинска чадор-организација, за подоцна да се трансформира во официјална Иницијатива за основање Национален младински совет на Македонија.

Иницијативата успеа! После период од 12-месечни консултации со сите заинтересирани младински организации низ цела држава, беше креиран моделот на Националниот младински совет на Македонија, по што во јуни годинава, оваа нова организација го организираше и своето Основачко собрание. Националниот младински совет на Македонија денес е реалност и е претставничко тело на младите и младинските организации во државата. Двегодишниот здружен труд резултираше со нов сојуз кој на теренот силно ќе ги брани младинските интереси, со надеж дека нема да дозволи нови обиди за контрола врз младинскиот сектор. Оваа организација има капацитет да го одбрани младинското учество и достоинството на младите во Македонија, заради тоа што во неа членуваат 55 организации на млади, организации за млади и партиски подмладоци, чие членство брои десетици илјади на возраст од 15 до 30 години.

Младинските организации, вклучително и најновата и најголемата, Националниот младински совет, нестрпливо ја очекуваат најавената консултација околу Предлог-законот за млади и сакаат да веруваат дека ниту една институција нема да си дозволи да внесе предлог-текст во Собранието на Македонија, а истиот да не е изработен низ темелен процес на дискусија, дијалог и работни средби на кои ќе се земат предвид мислењата на младинските организации. Консултација не може да биде ниту само еден состанок, ниту само една јавна дебата. Консултација за вакво прашање мора да биде темелен и комплексен процес преку кој младинските организации ќе се осигураат дека:

1. Легитимитетот на Националниот младински совет на Македонија ќе биде потврден преку евентуалниот Закон за млади, со што Секретаријатот за европски прашања веќе нема да биде единствената државна институција која дава поддршка на националното младинско вмрежување;

2. Државата преку Законот за млади ќе гарантира механизми за структуриран дијалог меѓу младите и институциите, преку комуникации на официјални претставници на двете засегнати страни, како и преку формирање на ко-менаџмент тела чиј мандат е да бараат решенија за потребите на младите;

3. Официјалните претставници кои ќе ги претставуваат младите пред институциите на централно и локално ниво ќе доаѓаат исклучиво од редовите на плуралистичките и претставничките форми на младинско организирање, избрани преку демократски процедури дефинирани од младинските структури;

4. Локалните младински совети во општините ширум државата ќе бидат конципирани исклучиво врз принципот на инклузивност, ќе бидат отворени за сите заинтересирани форми на младинско здружување, без органичување на бројот на членови и без потреба од нивно изгласување од страна на општинските совети, со цел да се оневозможат партиски интервенции врз составот на младинските совети;

5. Државата ќе обезбеди доволно средства за поддршка на младинското организирање во државата, претставено преку Националниот младински совет и сите активни младински организации, како и локалните младински совети во општините;

Додека нестрпливо ја чекаме најавената консултација за овие прашања, последната порака од овој текст е дека на младите не им треба Закон за млади кој нема да им гарантира унапредување на позицијата во која моментално се наоѓаат. Доколку мора да го има, тогаш таквиот закон треба да гарантира дека ќе влијае позитивно врз следниве два податоци: повеќе од половина од младите се невработени и повеќе од половина од младите сакаат да ја напуштат државата.